Словенија ги прогласи за „персона нон грата“ екстремните израелски министри Бен Гвир и Смотрич

Ова е притисок врз израелската влада да ја подобри неподносливата ситуација во Газа и да го прекине страдањето на цивилите, изјави словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон

Според Љубљана, Бен Гвир и Смотрич поттикнуваат екстремно насилство и сериозни кршења на човековите права на Палестинците со нивните геноцидни изјави / AP

Словенија ќе стане првата земја-членка на Европската Унија што формално ќе прогласи двајца израелски министри за персона нон грата, наведувајќи ја нивната улога во она што таа го нарече „неподносливата ситуација“ во Газа, објави во четврток министерката за надворешни работи Тања Фајон.

„По денешната владина седница, донесовме одлука да ги прогласиме израелскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир и министерoт за финансии Безалел Смотрич за персона нон грата во Република Словенија“, рече Фајон, според објавата што ја сподели словенечкото Министерство за надворешни работи на X.

„Ова е притисок врз израелската влада да ја подобри неподносливата ситуација во Газа и да го прекине страдањето на цивилите“, рече таа.

Потегот на Словенија следи по нејзиното признавање на државата Палестина во јуни.

Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, Израел спроведува брутални напади во Газа од крајот на октомври 2023 година, при што загинаа речиси 58.600 Палестинци, претежно жени и деца.

Немилосрдното бомбардирање ја опустоши енклавата и доведе до недостиг на храна и ширење на болести.

Во ноември минатата година, Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со обвинение за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната во палестинската енклава.