Американскиот сенатор Линдзи Грахам изјави дека Кина, Индија и Бразил наскоро ќе се соочат со последици поради нивните постојани набавки на руска нафта.
„Путин, твоето време доаѓа. Знаеш, Доналд Трамп е Скоти Шефлер на американската политика и надворешна дипломатија, и ќе ти одржи лекција каква што не си видел“, рече Греам, сојузникот на претседателот Доналд Трамп, во интервју за „Фокс њуз“.
Греам посочи дека овие три земји, кои купуваат околу 80 % од руската нафта, ќе бидат казнети затоа што, според него, директно ја поддржуваат воената кампања на рускиот претседател Владимир Путин во Украина.
„Она што ќе се случи е дека Трамп ќе воведе царини за земјите кои купуваат руска нафта: Кина, Индија и Бразил. Овие три држави купуваат околу 80 % од евтината руска нафта, и тоа ја одржува воената машинерија на Путин. Трамп ќе воведе 100 % царина на сите тие земји, казнувајќи ги за помагање на Путин “, рече Греам.
Тој рече дека трите земји наскоро ќе бидат принудени да направат економски избор.
„Кина, Индија и Бразил се пред избор – американската економија или поддршка за Путин. И верувам дека ќе ја изберат американската економија“, додаде тој.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, по средбата со Трамп минатата недела во Белата куќа, ги предупреди земјите како Бразил, Кина и Индија дека би можеле да бидат погодени од секундарни санкции на САД доколку ја одржат трговијата со Русија.
Руте ги повика лидерите на овие земји да ја искористат својата позиција и да го притиснат Путин да седне на преговарачка маса.
„Ова може многу скапо да ве чини. Затоа ве молам, јавете му се на Владимир Путин и кажете му дека мора сериозно да размисли за мировни преговори, затоа што во спротивно ова ќе се одрази жестоко врз Бразил, Индија и Кина“, рече Руте.











