Македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски порача дека во време на сериозни геополитички предизвици, светот има потреба од посилен дијалог, одговорен мултилатерализам и доследно почитување на меѓународното право.
Муцунски се осврна на учеството на Северна Македонија на 81. заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
„Нашата цел е јасна: да ги браниме нашите национални интереси, да ги зајакнеме партнерствата и политичкиот дијалог да го претвориме во конкретни резултати“, напиша Муцунски.
Тој истакна дека земјата како НАТО-сојузник, кандидат за членство во Европската Унија и активна членка на Обединетите нации, останува посветена на регионалната стабилност, европската безбедност и меѓународниот поредок заснован на правила.
Министерот посочи дека дипломатските активности на земјата остануваат насочени кон остварување на конкретни резултати за граѓаните.
„Нашата дипломатија останува активна, принципиелна и фокусирана на постигнување резултати за нашите граѓани“, напиша Муцунски.

























