Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека сега не е добро време рускиот претседател Владимир Путин да ја посети Будимпешта, бидејќи нема билатерални прашања за кои треба да се разговара.
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, во октомври изјави дека ќе разговара со Путин во Будимпешта, но средбата никогаш не се одржа, пренесува Ројтерс.
Унгарија ќе се исклучи од воената економија и ќе се фокусира на економијата на мирот, изјави претходно премиерот Орбан на меѓународна прес-конференција.
Орбан изјави дека една ера во меѓународната политика завршила и дека новата ера ќе биде ера на нациите, пренесува „Мајар немзет“.
Според него, едно од најважните прашања на новата ера во Европа ќе биде прашањето за војната и мирот, додека енергијата е едно од клучните прашања.
Покрај суверенитетот, енергетските прашања се најважната тема на технолошкиот развој. Земјите кои се способни да обезбедат евтини извори на енергија прилагодени на новите индустрии ќе бидат победници во оваа ера. Унгарија е енергетски безбедна, нашата независност е зачувана, истакна Орбан.
Како што рече, регулативите во гасната и нафтената индустрија на ЕУ се штетни за земјата, поради што Унгарија би била прекината од снабдувањето од Русија, против што ќе се бори правно и ќе покрене постапка против Европската комисија за злоупотреба на законската основа.
Од друга страна, изјави Орбан, енергетските прашања припаѓаат на националната надлежност.
Тој додаде дека се работи на политичка работа за спротивставување на бриселските регулативи и дека се надева дека воената ситуација ќе заврши до 2027 година, што би довело до укинување на санкциите.




















