Хакери украле повеќе од 62 милиони страници документи на бугарската Влада во петгодишна операција за кибершпионажа, која властите ја прекинале, соопшти вчера бугарското Министерство за иновации и дигитална трансформација.
Според Министерството, напаѓачите имале неовластен пристап до владините мрежи од 2021 година, при што собирале чувствителни информации поврзани со работата на државните институции.
Министерот за иновации и дигитална трансформација, Иван Василев, изјави дека хакерите презеле најмалку 130 гигабајти документи, што одговара на повеќе од 62 милиони страници.
Властите соопштија дека досегашните истраги не откриле докази за компромитирање на личните податоци на граѓаните.
Министерството наведе дека операцијата била откриена во август откако новиот национален систем за мониторинг на кибербезбедноста идентификувал сомнителни активности во владините мрежи.
По откривањето на нападот, властите формирале заедничка работна група во која учествувале безбедносните и разузнавачките агенции, министерствата за одбрана и за внатрешни работи, полицијата и експерти за кибербезбедност, со цел да се спречи натамошно нарушување на системите.
Потоа засегнатите системи биле изолирани, а пристапот на напаѓачите до владината инфраструктура бил блокиран, соопшти Министерството.
Според Министерството, властите ги прекинале сите досега идентификувани неовластени врски, со што бил спречен натамошен пристап преку компромитираните системи.
Засегнатата инфраструктура ќе остане под засилен надзор во период од 90 дена за да се откријат евентуални обиди на напаѓачите повторно да добијат пристап, додаваат од Министерството.






















