Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова упати честитки по повод 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците.
„Вие, Бошњаците, не сте само припадници на еден етнос, туку и важен човечки капитал.
Вие, Бошњаците, имате не само уставно загарантирано право слободно да го изразувате, негувате и развивате својот идентитет преку културни, уметнички и образовни институции и здруженија, туку и реално да го остварувате“, истакнува Сиљановска-Давкова во честитката.
Таа наведува дека Бошњаците се релевантен субјект во процесот на политичко одлучување, и во економскиот развој.
„Вие, Бошњаците, имате долга, автентична и богата национална приказна, којашто ја пишуваа вашите претци, денес ја пишувате Вие, а ќе ја пишуваат и генерациите по вас!
Посакувам младите Бошњаци да растат, да учат, да се образуваат и да се радуваат во мирна, здрава, демократска, солидарна, компетитивна и просперитетна европска држава.
Посакувам меѓусебно да се почитуваме и разбираме во градењето заеднички дом на рамноправни и среќни граѓани, во којшто, различностите ќе се почитуваат, а вредностите и принципите ќе не обединуваат, без оглед на етничката и верска припадност!“, порачува претседателката.
Бошњаците во земјава го одбележаа Меѓународниот ден на Бошњаците со низа настани од информативен, едукативен и културен карактер, испраќајќи ја пораката дека и тие се дел од мултиетничкиот мозаик на општеството и имаат исклучителен придонес во развојот на земјата во сите нејзини сфери.
Со измените на Законот за празници, 8. февруари 2007 година во Собранието на Република Македонија, 28 септември (Денот кога на Бошњачкиот сабор во Сараево 1993 година е вратено националното име Бошњак) прогласен е за Ден на Бошњаците во земјава.





















