Србија им препорача на своите граѓани да не патуваат во Хрватска од 1 до 10 август
Соопштението на МНР не дава подетални причини за оваа препорака, но може да се поврзе со одбележувањето на 30- годишнината од воено-полициската операција „Бура“ во Хрватска кога е предвидена и голема воена парада на Армијата и морнарицата
Министерството за надворешни работи на Србија им препорача на своите граѓани да се воздржат од патување во соседна Хрватска од 1 до 10 август оваа година.
Министерството ги советува граѓаните на Република Србија дека, доколку се најдат во Хрватска во „споменатиот период, треба да избегнуваат собири и други јавни собири што носат ризик од инцидентни ситуации“.
Соопштението на МНР не дава подетални причини за оваа препорака, но може да се поврзе со настаните што ќе ја одбележат 30- годишнината од воено-полициската операција „Бура“ во Хрватска во тој период.
Над 3.400 припадници на хрватската армија со 500 воени возила и 40 авиони и хеликоптери ќе учествуваат на воената парада за Денот на победата и благодарноста кон татковината и Денот на бранителите на 31 јули во Загреб.
Исто така, граѓаните преку видео врска ќе имаат можност да ја следат и парадата на Хрватската морнарица.
Во Србија, пак, на 4 август се одбележува годишнината од „Бура“ и протерувањето на Србите од Хрватска.
На почетокот на јули, Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска им препорача на хрватските граѓани да ги одложат сите непотребни патувања во Србија и повика на зголемена будност и следење на ситуацијата во таа земја.
Соопштението дојде во екот на студентските протести во Србија.
„Се препорачува да се одложат сите непотребни патувања, да се покаже зголемена претпазливост, да се следи моменталната состојба и да се добијат подетални информации пред патувањето, особено во светлината на евидентираните несоодветни и неосновани постапки на властите на Република Србија кон хрватските граѓани“, препорача тогаш хрватското МНР.