| Macedonian
ПОЛИТИКА
4 мин читање
Аферата Фајзергејт на чекање: Обвинителите на ЕУ сè уште ја чекаат изјавата на Фон дер Лајен
Истрагата за аферата позната како Фајзергејт се однесува на наводни кривични дела поврзани со преговорите за вакцини за Ковид 19 помеѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла
Аферата Фајзергејт на чекање: Обвинителите на ЕУ сè уште ја чекаат изјавата на Фон дер Лајен
Некои политичари мислат дека се над законот, изјави главната обвинителка на ЕЈО, Лаура Ковеши, но не потврди дека мислела на Фон дер Лајен

Истрагата се однесува на наводни кривични дела поврзани со преговорите за вакцини помеѓу шефицата на Европската комисија и извршниот директор на „Фајзер“

Европското јавно обвинителство (ЕЈО) сè уште нема добиено изјава во живо од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамките на истрагата за набавката на вакцини против КОВИД-19 во Унијата. 

Ова го објави порталот Политико во средата, повикувајќи се на извор запознаен со случајот.

Истрагата, позната како „Фајзергејт“ (Pfizergate), се однесува на наводни кривични дела поврзани со преговорите за вакцини помеѓу Фон дер Лајен и извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла.

ЕЈО ја презеде истрагата, која претходно ја водеше Белгија, во 2024 година.

Правни документи, на кои се повикува Политико, укажуваат дека обвинителите испитуваат наводи за „мешање во јавни функции, уништување СМС-пораки, корупција и судир на интереси“.

Според извор запознаен со случајот, Фон дер Лајен сè уште нема дадено изјава во живо пред ЕЈО во рамките на оваа истрага.

Прашан за извештаите дека Фон дер Лајен не дала изјава во живо, портпаролот на Европската комисија, Томас Рењие, изјави дека институцијата интензивно соработувала со ЕЈО.

Тој додаде дека соработката се одвивала со целосна поддршка од Фон дер Лајен, која останува подготвена да одговори на преостанатите прашања, во рамките на нејзините должности и расположливост како претседателка на Комисијата.

Во меѓувреме, главната обвинителка на ЕЈО, Лаура Кодруца Ковеши, изјави дека некои функционери на ЕУ одбиле да одговорат на поканите испратени од нејзината канцеларија.

„Некои политичари мислат дека се над законот“, изјави Ковеши за Политико. „Ако сте повикани да дадете изјава, мора да дојдете.“

Таа наведе дека нејзината канцеларија се соочува со тешкотии при спроведувањето на своите истражни овластувања, особено кога станува збор за истакнати политичари или богати поединци со политички врски.

Сепак, Ковеши одби да коментира дали Фон дер Лајен е меѓу функционерите на кои таа мислеше.

ЕЈО, основано во 2017 година и оперативно од 2021 година, е надлежно за истражување и гонење на кривични дела што ги засегаат финансиските интереси на Европската Унија.

Пресуда на Европскиот суд на правдата

Европскиот суд на правдата во мај 2025 година пресуди дека Европската комисија не дала убедливо објаснување за непоседување на СМС-пораките меѓу претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија Фајзер за набавка на вакцината против Ковид-19.

Општиот суд пресуди во случајот покренат од „Њујорк тајмс“ и тогашната дописничка на весникот од Брисел, Матина Стеви. Таа, повикувајќи се на регулативата за пристап до документи, побара од Комисијата да ѝ дозволи да ја види размената на пораки меѓу Урсула фон дер Лајен и извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, помеѓу 1 јануари 2021 и 11 мај 2022 година.

Комисијата го отфрли тоа барање со образложение дека не ги поседува документите на кои се однесува барањето, по што Матина Стеви и „Њујорк тајмс“ побараа од Општиот суд на Европската Унија да ја поништи одлуката на Комисијата.

Во својата пресуда, Судот ја потврди тужбата и ја поништи одлуката на Комисијата. 

Во соопштението на Судот се вели дека целта на регулативата за пристап до документи е да се даде најголемо можно значење на правото на јавен пристап до документите што ги поседуваат институциите. Затоа, во принцип, сите документи на институциите треба да бидат достапни за јавноста.

Во февруари 2021 година беше објавено дека ЕУ е пред потпишување договор со Фајзер вреден 35 милијарди евра за обезбедување 900 милиони дози од вакцината против КОВИД-19 на Фајзер-БиоНТек до 2023 година, со дополнителни 900 милиони дози достапни за купување.

На 28 април 2021 година, додека договорот требаше да биде финализиран, Њујорк тајмс објави дека Урсула фон дер Лајен лично го преговарала договорот преку серија текстуални пораки и повици со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла, опишувајќи го како „впечатливо усогласување на политичкиот опстанок и корпоративниот хаос“

Оваа ситуација последователно отвори бројни прашања за транспарентноста, потенцијалната корупција и, што е уште поважно, како ваквите афери би можеле да влијаат на довербата на јавноста во вакцинацијата.


Повеќе
Големи донатори, поголеми влогови: Парите ги обликуваат трките на среднoрочните избори во САД
Теленовела во живо: Приказната за семејството Болсонаро
Избори во Израел: Што значат рекордните бројки на арапските партии за ционистичката политика
Како растечките тензии меѓу САД и Украина ќе го обликуваат текот на војната?
Врховен суд ги укина пресудите за пожарот во модуларната болница во Тетово
Зеленски доаѓа во Туркије на разговори со Ердоган за војната во Украина и безбедноста во Црното Moре
Емине Ердоган повикува на посилна соработка во однос на жените и семејствата низ туркискиот свет
Трамп не планира да го поддржи тврдењето на Болсонаро дека е лидер на Бразил
Ердоган: Нема трајно решение за Кипар без заштита на правата на кипарските Турци
Брнабиќ: Претседателските избори во Србија ќе бидат распишани до 27 ноември
Лапид вели дека Нетанјаху „нема начин“ да формира влада по изборите во Израел
Од 1 мај директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват
Дневни блиц вести 30.10.2026
Катарските посредници повторно во Техеран за обнова на преговорите САД-Иран
Претседателот Ердоган ја истакна солидарноста меѓу турските држави