Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека до есен треба да се одржат нови трилатерални разговори за решавање на војната во Украина, во кои ќе учествуваат претставници од Киев, Москва и Вашингтон.
На заедничката прес-конференција во Киев со ирскиот премиер Мајкл Мартин, Зеленски се осврна на предлозите што му беа презентирани за време на телефонскиот разговор вчера од специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф, и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Тој рече дека сака наскоро да разговара за предлогот на САД, по што, според моделот што се применуваше во текот на изминатата година, Вашингтон ќе ги продолжи разговорите со Москва.
„После тоа, ако сметаме дека постои можност за сериозни дискусии за овој план, мислам дека ќе следи трилатерален состанок. Секако, мора да го завршиме сето ова до есен“, рече Зеленски.
Тој додаде дека ако одлуката зависи исклучиво од Украина, состанокот ќе се одржи овој месец.
„Но, не зависи сè од нас. Американците сакаат состанок, но не смееме да заборавиме дека тие во моментов се фокусирани на Иран“, рече украинскиот претседател.
По средбата со ирскиот премиер, Зеленски рече дека разговарале за заканите и предизвиците со кои се соочува Украина пред есента.
Тој, исто така, ја нагласи важноста од усвојување на новиот, 21-ви пакет санкции од страна на Европската Унија против Русија, заблагодарувајќи им се на европските лидери за нивната поддршка.
„Мајкл ме увери денес дека ќе работи и на усвојување на 22-риот пакет“, рече Зеленски во објава на социјалната мрежа на американската компанија X.
Тој, исто така, ѝ се заблагодари на Ирска за нејзината подготвеност да продолжи да го поддржува европскиот пат на Украина за време на нејзиното претседателствување со Советот на Европската Унија.
Од друга страна, Мартин рече дека пристигнал во Киев за да ја изрази силната и непоколеблива солидарност на Европската Унија и Ирска со владата и народот на Украина, нагласувајќи дека поддршката за Украина е посилна од кога било.
Со посредништво на Соединетите Американски Држави, Русија и Украина последен пат одржаа три рунди мировни преговори во јануари и февруари со цел да се најде решение за конфликтот што трае веќе пет години.
Разговорите потоа беа прекинати, а Москва и Киев како причина го наведоа фокусот на САД врз Иран и конфликтот на Блискиот Исток што започна на 28 февруари.



















