| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Вјоса Османи го распушти Собранието, Косово оди на предвремени избори
Рокот за избор на претседател истече на полноќ, а откако седницата на собранието за избор на претседател беше прекината поради недостаток на кворум, спикерката Аљбуљена Хаџију, побарала од уставниот суд да ја оцени уставноста на постапката за избор
Вјоса Османи го распушти Собранието, Косово оди на предвремени избори
Актуелната претседателка Вјоса Османи посакува втор мандат, но нема поддршка од партијата на премиерот Албин Курти / Reuters
пред 17 часа

Претседателката на Косово Вјоса Османи денеска го распушти Парламентот, бидејќи според неа, претставниците на земјата „одлучиле да ја однесат земјата на избори“.

Таа ги даде овие изјави неколку часа откако заврши рокот за избор на нов претседател.

Нарекувајќи ја ситуацијата голема катастрофа за земјата, Османи рече: „Денес, во согласност со Уставот на Република Косово, решив да го распуштам Собранието и со оваа одлука ја исполнувам мојата јасно дефинирана уставна обврска.“

Османи рече дека пратениците во четврток одлучиле да ја однесат земјата на нови избори, додавајќи дека таквата ситуација можела целосно да се избегне и ги обвини пратениците дека не ги ставаат интересите на државата на прво место.

Се очекува Османи наскоро да се сретне со лидерите на политичките партии и да го објави датумот за предвремените општи избори.

Рокот за избор на претседател на Косово истече на полноќ, а откако седницата на собранието за избор на претседател беше прекината поради недостаток на кворум, претседателката на парламентот, Аљбуљена Хаџију, објави дека побарала од уставниот суд да ја оцени уставноста на постапката за избор на претседател и да донесе суспензивна мерка за уставниот рок.

„Тукушто се обративме до Уставниот суд во врска со оценувањето на уставноста на постапката за избор на претседател. Исто така, со ова барање, побаравме Уставниот суд да издаде привремена мерка за суспензија на уставниот рок во врска со постапката за избор на претседател, до објавување на пресудата“, изјави Хаџиу во објава на Фејсбук.

Вонредната седница на собранието свикана само неколку часа пред истекот на уставниот рок за избор на претседател, беше прекината поради недостаток на кворум.

И покрај обидите направени преку средбите на лидерот на Движењето Самоопределување и премиер на земјата, Албин Курти, со одржување пет рунди преговори со лидерот на Демократската партија на Косово Бедри Хамза и со лидерот на Демократската лига на Косово, Лумир Абдиџику, тие не постигнале политички консензус за тоа кој треба да биде кандидат за претседател.

Кандидати за претседател беа Гљаук Коњуфца и Фатмире Колчаку, пратеници на движењето Самоопределување, но гласање немаше бидејќи во салата имаше 66 пратеници, додека за избор на претседател е потребно двотретинско мнозинство, односно 80 пратеници.

Во салата беа само пратеници од Самоопределување и немнозинските несрпски заедници.

На седницата не присуствуваа членови на најголемата српска партија, Српската листа, како и членови на Демократската партија на Косово, Демократскиот сојуз на Косово и Алијансата за иднината на Косово.

Хаџију ја прекина седницата и најави дека ќе продолжи доколку се исполнат условите.

Пред седницата за избор на претседател, синоќа во Приштина се одржа уште една вонредна седница на собранието, каде што беа разгледани амандманите испратени од актуелната претседателка Вјоса Османи, кои предвидуваат директен избор на претседателот на изборите за да се избегне ситуација на уставна и институционална празнина како во овој случај.

И оваа седница беше прекината поради недостаток на кворум, бидејќи во салата немаше доволно пратеници од немнозинските заедници.

На седницата присуствуваа 93 пратеници, додека од Српската листа не присуствуваше ниту еден пратеник.

За да се усвои уставниот амандман, за него мора да гласаат две третини од сите пратеници, вклучувајќи две третини од пратениците од немнозинските заедници.

Мандатот на Османи истекува на 4 април, а според уставот, изборот на претседател мора да се одржи најдоцна 30 дена пред истекот на мандатот на актуелниот претседател.

Османи посакува втор мандат, но нема поддршка од партијата на премиерот Албин Курти.

Според уставот, еден од случаите кога собранието може да се распушти е ако претседателот не биде избран во рок од 60 дена од почетокот на изборната постапка.

За избор на претседател се потребни две третини од гласовите во парламентот со 120 места, а доколку ниту еден кандидат не добие двотретинско мнозинство во првите два круга гласање, кандидатот кој ќе добие едноставно мнозинство, односно 61 глас, ќе биде избран во третиот круг, со услов да има кворум од 80 пратеници.

Според уставот, доколку ниту еден кандидат не биде избран за претседател во третиот круг гласање, собранието се распушта и се распишуваат нови избори, кои се одржуваат во рок од 45 дена.

По цела година политичка неизвесност и десетици неуспешни обиди да се конституира, новиот состав на Парламентот на Косово беше конституиран на 12 февруари, по што пратениците ја избраа новата влада, повторно предводена од лидерот на Самоопределување, Албин Курти.

По последните редовни парламентарни избори во февруари лани, Косово имаше привремена влада и целосно нефункционален парламент, откако партијта на Курти не успеа да обезбеди мнозинство.

Следеа долги натегања, од кои произлегоа новите избори во декември, на кои Самоопределување освои 57 пратенички места во законодавниот дом со 120 пратеници.

Повеќе
Русија и Украина разменија по 300 војници во размена на затвореници
Арагчи: Не ги нападнавме нашите соседи, туку американските бази што се на нивна територија
Шри Ланка евакуираше екипаж на ирански брод откако американска подморница ја потопи фрегатата Дена
Јужна Кореја и САД разговараат за преместување на ракетните системи Патриот во војната против Иран
Вјоса Османи го распушти Собранието, Косово оди на предвремени избори
Трамп повика на промена на раководството во Иран, тврди дека има кандидати за „добар лидер“
Пристигна првата група македонски државјани евакуирани од Израел
Речиси 100.000 лица раселени во Либан, повеќе од 100 убиени, 638 повредени
Ескалираа судирите меѓу Хезболах и Израел
Конгресот ја отфрли резолуцијата со која би се ограничила воената акција на Трамп во Иран
САД ги прекинаа активностите на амбасадата во Кувајт Сити
Шесте македонски граѓани вратени од Израел со владиниот авион
Ердоган: Немаме двоумење во обезбедувањето на границите и воздушниот простор
Стармер: Нашиот фокус е во дипломатијата, а не воена ескалација во Иран
Сиљановска Давкова: Страшно е секој 8 Март да броиме нови жртви