Нобеловци повикаа на глобално запирање на истражувањето за вештачка суперинтелигенција

Повикуваме на забрана за развој на суперинтелигенција, која не би се укинала пред да се постигне широк научен консензус дека тоа ќе се прави безбедно и контролирано, како и силна јавна поддршка, рекоа од Институтот Иднина на животот

Декларацијата ја потпишаа 865 лица, вклучувајќи добитници на Нобелова награда, уметници, политичари, бизнис лидери / AA

Институтот Иднината на животот во среда повика на забрана за истражувања поврзани со вештачката суперинтелигенција (ВСИ) сè додека не се постигне научен консензус со кој ќе се потврди дека технологиите се безбедни и контролирани.

Писмо од непрофитната организација со седиште во САД се осврна на ризиците што ги претставуваат системите со вештачка интелигенција, кои потенцијално би можеле да ја надминат човечката интелигенција во сите области.

Иако во писмото се признава дека иновативните алатки за вештачка интелигенција би можеле да го подобрат здравјето и благосостојбата, од Институтот предупредуваат дека ВСИ еден ден би можел да претставува закана за човештвото.

ВСИ се однесува на хипотетичка форма на вештачка интелигенција што би ги надминала човечките когнитивни способности во сите домени, вклучувајќи ја креативноста, решавањето проблеми и донесувањето одлуки.

Во отвореното писмо се наведува: „Повикуваме на забрана за развој на суперинтелигенција, која не би се укинала пред да се постигне широк научен консензус дека тоа ќе се прави безбедно и контролирано, како и силна јавна поддршка.“

Декларацијата ја потпишаа 865 лица, вклучувајќи добитници на Нобелова награда, уметници, политичари, бизнис лидери и членови на британското кралско семејство, вклучувајќи го принцот Хари, војводата од Сасекс; и неговата сопруга Меган Маркл; како и добитникот на Нобелова награда и истражувач на вештачка интелигенција, Џефри Хинтон; коосновачот на Епл, Стив Вознијак; поранешната ирска претседателка Мери Робинсон; комичарот Стивен Фрај; и актерот Џозеф Гордон-Левит.

Основан во 2014 година, Институтот Иднината на животот се фокусира на промовирање на безбеден и етички развој на вештачката интелигенција. 

Групата претходно привлече глобално внимание во 2023 година кога повика на привремена пауза во обуката на напредни системи за вештачка интелигенција, како што е ГПТ-4.

Извор: АА