Истражување: Малолетниците непречено купуваат цигари и покрај нивната возраст
Дури 57% од младите биле изложени на тутунски чад во домот, додека 55,4% биле изложени на чад во затворени јавни простори, покажува истражувањето на Институтот за јавно здравје за употребата на тутун и тутнски производи кај младите
Дури 13,6% од учениците на возраст од 13 до 15 години моментално користат некаков тутунски производ, и тоа е највисока преваленца досега регистрирана, покажуваат резултатите од истражувањето на Институтот за јавно здравје за употребата на тутун и тутнски производи кај младите, спореведено со поддршка од Светската здравствена организација како дел од глобално истражување за пушењето кај учениците од седмо, осмо и деветто одделение (GYTS).
Истражувањето кај нас е спроведно во 75 училишта, а учествувале 4.706 ученика
Резултатите од истражувањето беа презентирани од министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција, заедно со директорката на Институт за јавно здравје, д-р Марија Андоновска и д-р Аким Али, претставник на Светска здравствена организација и шеф на канцеларијата на СЗО во земјава.
Дополнително загрижувачки се податоците дека дури 57% од младите биле изложени на тутунски чад во домот, додека 55,4% биле изложени на чад во затворени јавни простори.
„Тоа што е индикативно за нас како креатори на здравствените политики е дека огромен дел од испитаните ученици ја поддржуваат мерката за забрана за пушење во затворени јавни простори. Вкупно 86,9% од испитаниците ја поддржуваат оваа мерка. Токму затоа, новиот предлог-закон за заштита од пушењето го носиме како закон за новите генерации, со порака упатена до младите дека државата конечно застанува на нивна страна“, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Според него, суштинската цел е денормализација на пушењето, а тоа ќе го постигнеме преку четирите столба на законот.
„ Тоа се целосна заштита од пасивно пушење, намалување на привлечноста, односно забрана на продажба на производи што содржат карактеристични ароми кои создаваат препознатлив вкус или сензорен ефект различен од природниот тутунски профил, како и ограничување на маркетингот и изложувањето и ограничување на достапноста и засилена контрола на продажбата на малолетници“, рече Алиу.
Според истражувањето, 73,2 отсто од учениците меѓу 13 и 15 години не биле спречени да купат цигари поради нивната возраст, а 69 проценти од младите пушачи купиле тутун во продавница, маркет, супермаркет или киоск.
Точно 13,6 проценти од учениците моментално користат некаков тутунски производ и тоа е највисоката зачестеност досега регистрирана во Македонија. Вкупно 10 отсто од нив вдишуваат од електронски цигари, што е повеќе од двојно зголемување во споредба со 2016 година. Најголем раст кај е-цигарите има кај девојчињата – од 1,9 на 9,6 отсто за помалку од една деценија.
Директорката на Институт за јавно здравје, д-р Марија Андоновска посочи дека резултатите од последното истражување покажуваат три важни работи. Прво - употребата на никотинот кај младите останува значаен јавноздравствен предизвик. Второ - новите никотински производи земаат се поголем замав и ја менуваат сликата на зависноста кај адолесцентите и како трето - изложеноста на чад преку пасивно пушење, влијанието на маркетингот и достапноста на производите за малолетни лица се уште претставуваат сериозен системски предизвик.
„Податоците покажуваат и нешто друго-постои силна поддршка кај младите за заштитни мерки и јасен потенцијал за успешни политики. Тоа ни дава основа за делување. Како ИЈЗ наша задача е да обезбедиме научно засновани докази. Тие докази денес се ставени на располагање на институциите, носителите на одлуки и јавноста. Одлуките што ќе следат не се само административни, тие се одлуки за здравјето и иднината на оваа генерација“, посочи д-р Андоновска.
Д-р Аким Али, претставник на Светска здравствена организација и шеф на канцеларијата на СЗО во земјава истакна дека од искуството од други земји знаеме дека законот за заштита од пушење е особено важен за заштита на децата, бремените жени, постарите лица, како и за работниците и за сите граѓани во земјава.
„Кога се воведува ваков закон, се намалува бројот на приеми во болница, бројот на мозочни удари и смрт од кардиоваскуларни болести. Но исто така, креира простор во услужната индустрија за поголем промет, затоа што повеќе луѓе доаѓаат заради просторите без тутун и пушачите во многу други земји го поздравуваат донесувањето ваков закон, истакна д-р Али, потенцирајќи дека е време да ги заштитиме нашите деца, да ја заштитиме нашата иднина, и ни една просторија не е приватна каде што вработените и децата се изложени на дим од цигари.