Трамп: Путин се согласи на седумдневна пауза во нападите врз Киев поради студот
Јас лично го замолив претседателот Путин да не ги таргетира Киев и другите градови една недела, и тој се согласи, рече Трамп на состанокот на кабинетот во Белата куќа, наведувајќи го екстремно студеното време како причина за барањето
Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека рускиот претседател Владимир Путин се согласил да не извршува напади врз Киев и други украински градови седум дена поради, како што изјави, екстремно ниските температури во регионот.
„Јас лично го замолив претседателот Путин да не ги таргетира Киев и другите градови една недела, и тој се согласи“, рече Трамп на состанокот на кабинетот во Белата куќа, наведувајќи го „екстремно студеното време“ како причина за барањето.
Тој додаде дека некои го советувале да не го „троши повикот“, бидејќи, како што рекле, нема да добие таква отстапка, но дека рускиот претседател, сепак, се согласил.
Украинскиот министер за енергетика Денис Шмихаљ вчера изјави дека поради недостигот на електрична енергија поради руското гранатирање во Киев, 610.000 потрошувачи останале без електрична енергија.
Најголемиот производител на електрична енергија во Украина, ДTEК Груп претходно објави дека Киев преминува од режим на вонредно во режим на привремено прекинување на електричната енергија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес му се заблагодари на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста за обезбедување на безбедноста на Киев и другите украински градови за време на екстремниот зимски период.
„Снабдувањето со електрична енергија е основа на животот. Ги цениме напорите на нашите партнери да ни помогнат да ги заштитиме животите. Ви благодарам, претседателе Трамп. Нашите тимови разговараа за ова во Обединетите Арапски Емирати. Очекуваме договорите да бидат спроведени. Чекорите за деескалација придонесуваат за вистински напредок кон завршување на војната“, рече Зеленски во објава на социјалната мрежа X.