Зеленски: Мирот е можен само кога Русија ќе ја заврши војната

Украинскиот претседател на платформата Х презентираше информации за најновите напади на руската армија во Украина, истакнувајќи дека 22 лица биле убиени, а 85 се повредени само за еден ден

Најмалку 16 лица биле убиени, а 35 ранети во ноќен напад на руските сили врз казнена установа во Запорожје, објавија утрово локалните власти / AP

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес изјави дека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, изговорил клучни зборови за руското раководство, кое „го троши времето на светот зборувајќи за мир, а истовремено убива луѓе“ и истакна дека сите сакаат вистински мир - достоинствен и траен, но дека Русија е „единствената што го спречува“.

На мрежата X, Зеленски презентираше информации за најновите напади на руската армија во Украина, истакнувајќи дека 22 лица се убиени, а 85 се повредени само за еден ден.

Тој изјави дека 73 украински градови и села биле под руски напади.

„Во два часот наутро, Русите започнаа ракетен напад врз градот Камјанске, насочувајќи ја градската болница, при што загинаа три лица, вклучувајќи и бремена жена“, рече Зеленски.

Зеленски истакна дека руските напади покажуваат дека Москва заслужува „силен и ефикасен притисок од санкции“ за да биде принудена да ја прекине војната.

Тој им се заблагодари на сите лидери кои ѝ помагаат на Украина во нејзината борба и вршат притисок врз Русија да ги запре нападите.

„Мирот е можен, но само кога Русија ќе ја заврши војната што ја започна и ќе престане да ги мачи луѓето. Слава на Украина“, заклучи Зеленски.

Најмалку 16 лица биле убиени, а 35 беа ранети во ноќен напад на руските сили врз казнена установа во регионот Запорожје, објавија утрово локалните власти.