| Macedonian
РЕГИОН
3 мин читање
Кос: Отворањето на првиот преговарачки кластер останува условено со уставните измени
Европската комисија нотира напредок кај Северна Македонија во спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст, но борбата против корупцијата бележи ограничени резултати, рече еврокомесарката Кос, претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026
Кос: Отворањето на првиот преговарачки кластер останува условено со уставните измени
Кос најави и нов модел на постепена интеграција, со кој земјите кандидати ќе добијат можност за приближување до ЕУ уште пред формалното членство

Северна Македонија покажува посветеност на реформите, а Европската комисија ќе продолжи да ја поддржува земјата на патот кон членство во Европската Унија, сепак, отворањето на првиот преговарачки кластер останува условено со исполнување на преземените обврски, пред сè со усвојувањето на уставните измени.

Ова го порача еврокомесарката за проширување Марта Кос, претставувајќи го Пакетот за проширување за 2026 година во Брисел.

Таа нагласи дека условите за напредокот на Македонија во преговорите се јасно дефинирани и дека следниот чекор зависи од земјава.

„Северна Македонија треба да ја исполни својата обврска за завршување на уставните измени, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година. Сега зависи од Северна Македонија„ изјави Кос.

Брисел забележува дека корупцијата и понатаму е распространета, а случаите на корупција на високо ниво често се соочуваат со одложувања и застаруваат. Ограничен е и напредокот во правосудството, а политичката поларизација продолжува да го забавува усвојувањето на важни реформски закони.

Извештајот нотира и позитивни поместувања. Земјата продолжува со спроведувањето на Реформската агенда и активно се вклучува во Планот за раст за Западен Балкан, при што е забележан значителен напредок во исполнувањето на дел од реформските обврски. Одреден напредок е постигнат и во реформата на јавната администрација, особено во проширувањето на електронските услуги, додека земјата ја задржува целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Претставувајќи ги извештаите за десетте земји кандидати за членство во ЕУ, еврокомесарката порача дека секоја од нив има можност да се приклучи на групата држави кои побрзо напредуваат кон Унијата. Таа ги повика сите кандидати да ја искористат оваа можност.

Кос најави и нов модел на постепена интеграција, со кој земјите кандидати ќе добијат можност за поголемо приближување до ЕУ уште пред формалното членство.

„Комисијата предлага нов модел на постепена интеграција. Сакаме повеќе Европа пред членството за нашите кандидати. Ова носи јасни придобивки и за земјите кандидатки и за земјите членки на ЕУ и служи на нашите заеднички стратешки приоритети“, истакна Кос.

Според неа, 26. извештај за проширување воспоставува кохерентен, стратешки и предвидлив пристап кон постепената интеграција, кој треба да го надополни и зајакне постојниот процес на пристапување.

Како новина, Кос најави дека во првиот квартал од следната година ќе започнат дијалози со земјите кандидати за постепена интеграција. Преку нив ќе се анализираат постојните мерки и ќе се разгледуваат дополнителни можности за вклучување на кандидатите во политиките и структурите на Унијата.

Еврокомесарката посебно ја истакна и безбедносната димензија на проширувањето, нагласувајќи дека безбедноста на ЕУ е тесно поврзана со случувањата во земјите кандидати.

„Дезинформациите, кибер-нападите и организираниот криминал влијаат на сите нас. Украина, особено, демонстрира извонредна отпорност во лицето на руската воена агресија. Нејзиното искуство и соработката со ЕУ придонесуваат за зајакнување на европската безбедносна и одбранбена подготвеност“, рече Кос.

Таа оцени дека интегрирањето на земјите кандидати во безбедносните структури на ЕУ ќе овозможи подобра размена на информации и поголема координација, како и поефикасна борба против миграцијата и организираниот криминал.

Според Кос, со ваквиот пристап Европа ќе ја зајакне и својата отпорност на надворешни притисоци.

Таа потсети дека Пакетот за проширување доаѓа еден месец по презентацијата на анализите на Европската комисија за политиките поврзани со проширувањето и подготовките за поширока Унија.

Тогаш било оценето дека проширувањето е реално остварливо, но дека постојат области во кои се потребни дополнителни напори.

Пакетот за проширување најпрво ќе им биде претставен на членовите на Комитетот за надворешни работи (AФET) при Европскиот парламент.

Потоа постојаните известувачи ќе подготват посебни резолуции за секоја земја кандидат, во кои ќе бидат содржани ставовите и препораките на Европскиот парламент за нивниот пат кон членство во Унијата.

Повеќе
Кос: Црна Гора е на пат да стане 28. членка на ЕУ, новата српска влада да се врати на реформите
Лидерот на израелската опозиција го обвинува Нетанјаху за обид за државен удар по изборниот пораз
За Венс војната во Иран е причината зошто републиканците ги загубија среднорочните избори
Првата дама на Туркије Емине Ердоган го отвори културниот центар на Институтот Јунус Емре во Сеул
Сиљановска-Давкова на средбата со Руте ја реафирмира посветеноста на земјава кон НАТО
Мицкоски: ЕУ мора да реагира,15 години сме блокирани од вештачки прашања
Кос: Отворањето на првиот преговарачки кластер останува условено со уставните измени
Ердоган се сретна со водечки јужнокорејски бизнисмени
Израел ги напаѓа градовите и пали куќи во jужен Либан
Собранието домаќин на млади истражувачки новинари
Туркије ќе го претстави памукот од Југоисточна Анадолија на COP31
Најстариот потонат брод во светот, откриен крај турскиот брег, влезе во Гинисовата книга на рекорди
Кина разговара за можна средба меѓу Си, Путин и Трамп, соопшти Пекинг
Во Србија откриени сите имиња кои ги помилува Вучиќ на крајот на мандатот
Трамп: Ако морам ќе испратам федерални сили во градовите управувани од демократи