Американскиот претседател Доналд Трамп го испрати Договорот за цивилна нуклеарна енергија со Саудиска Арабија до Конгресот на разгледување, ставајќи го неговото одобрување условено од нормализација на односите на кралството со Израел.
Договорот, постигнат во јули, ќе им овозможи на американските компании да извезуваат цивилна нуклеарна технологија во Саудиска Арабија.
Тој беше испратен до Конгресот во понеделник, изјави американски функционер за Ројтерс во вторник, зборувајќи под услов да остане анонимен.
Саудиската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар.
Не е јасно како Трамп очекува испраќањето на нуклеарниот договор до Конгресот, кој има 90 дена да го разгледа, да помогне во остварувањето на неговите цели.
Ставот на претседателот не се променил, договорот може да продолжи само ако Саудиска Арабија се придружи на Абрахамовите договори, изјавил функционерот.
Абрахамовите договори се договори за нормализација на односите меѓу Израел и арапските и муслиманските земји, постигнати со посредство на Соединетите Американски Држави. Договорите склучени во 2020 и 2021 година ги вклучуваа Израел, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин, Мароко и Судан.
Само неколку дена откако беше постигнат нуклеарниот договор со Саудиска Арабија во јули, Трамп ја постави нормализацијата на односите со Израел како услов за негово стапување во сила.
Трамп работеше на сличен договор за време на неговиот прв мандат како претседател.
Поранешниот претседател Џо Бајден, исто така, се залагаше за нуклеарниот договор, а сакаше да го поврзе и со Абрахамовите договори. Дипломатите веруваа дека Ријад е близу до нормализирање на односите со Израел во 2023 година, но почетокот на израелската војна во Газа во октомври истата година ги промени околностите.
Саудиска Арабија бара неповратен пат кон воспоставување палестинска држава пред да го признае Израел.
Триесетгодишниот нуклеарен договор предвидува изградба на реактор од типот AП1000. Тоа е проект вреден десетици милијарди долари што би и користел на „Вестингхаус“, во заедничка сопственост на канадските компании „Камеко“ и „Брукфилд Асет Менаџмент“.



















