| Macedonian
РЕГИОН
4 мин читање
Сиљановска-Давкова: Во одредени сегменти сме подобри од некои земји кандидати за ЕУ
И најбрзите кандидати може да ги затворат кластерите и поглавјата, но утре повторно некоја членка може да стави вето и да отвори прашања што немаат врска со Копенхашки критериуми, туку се поврзани со историјата и културата, рече претседателката
Сиљановска-Давкова: Во одредени сегменти сме подобри од некои земји кандидати за ЕУ
Не може едни принципи да важат за земјите членки на ЕУ, а да не важат и за државите кандидати, потенцира Сиљановска-Давкова во емисијата „Клик Плус“ / Others
10 април 2026

Не само што чекориме рамо до рамо со водечките кандидати за членство во Европската Унија, туку во одредени сегменти сме и пред некои од нив, изјави претседателката Гордана Сиљановска Давкова во вчерашното гостување во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.

„Морам да напоменам дека кога се цитира изјавата на премиерот Мицкоски, се заборава дека не беше таква што ја повторуваме сите, туку поврзана со „доколку“ во односите со Бугарија. Не мислам дека децении треба да чекаме, напротив, некогаш движење има и кога не е пред очите на јавноста. Би било пред очите на јавноста кога јас би била професорка, но како претседателка многу работи заради суштината на дипломатијата, не мора да се случуваат јавно. Тоа не значи дека ги нема. Во политиката може посредно преку изјавите на нашите соседи, а многу читам деновите, од тоа дека сме имале клучно влијание на господинот Вајц, па дека сме ги информирале, дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски чевлите ги изабил одејќи, може да се заклучи дека не мируваме, работиме, но не секогаш тоа се гледа“, истакна Сиљановска Давкова.

Таа рече дека секогаш имала добри односи и водела долги разговори со поранешниот претседател на Бугарија Румен Радев, иако имале различни ставови и додаде дека не секогаш остануваат тврдите ставови по некое прашање, како на Радев за нашето членство во ЕУ, кога ќе се преземе одговорноста за водење на државата, доколку успее во тоа.

Македонија, додаде, не само што чекори рамо до рамо со водечките кандидати за членство во Европската Унија, туку во одредени сегменти е и пред некои од нив и нагласи дека пристапниот процес треба да се води врз основа на факти и критериуми, а не на, како што рече, ирационални барања.

„Зборуваме за политика заснована на докази, а не на ирационални услови. Тоа покажува дека не само што сме рамо до рамо со главните претенденти за брзо членство во ЕУ, туку сме и подобри од некои од нив“, истакна Сиљановска Давкова.

Посочи дека македонското законодавство во голема мера е усогласено со европското, што, според неа, е дополнителен аргумент за напредокот на државата во евроинтегративниот процес, но сепак предупреди дека и покрај исполнувањето на условите, процесот може да биде блокиран од страна на земјите членки.

„И најбрзите кандидати може да ги затворат кластерите и поглавјата, но утре повторно некоја членка може да стави вето и да отвори прашања што немаат врска со Копенхашки критериуми, туку се поврзани со историјата и културата“, рече таа.

Според претседателката, токму ваквите прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес и за нив не се потребни дополнителни гаранции.

Гаранциите се составен дел од европското право

Во однос на можните решенија, Сиљановска Давкова посочи дека понекогаш е потребна креативност и флексибилност во толкувањето на одредени протоколи, но без да се навлегува во детали во јавноста.

„Креативноста некогаш е нужна. Постојат различни можности за интерпретација на протоколите, но тоа се прашања што бараат внимателен пристап“, додаде Сиљановска Давкова.

Оцени дека е парадоксално да се бара од земјите членки на Европската Унија гаранција дека ќе ги почитуваат одлуките на Европски суд за човекови права во Стразбур, со оглед на тоа што тие веќе се обврзале на тоа со прифаќањето на европските правни стандарди.

Истакна дека често се слуша ставот дека никој не може да даде гаранции, но дека тоа обично се поврзува со правото на вето што го имаат членките на Европската Унија.

Според неа, гаранциите се составен дел од европското право и од конститутивните документи на Унијата.

„Ако Европската Унија ја потпишала и ратификувала Европската конвенција за човекови права и ја признала јурисдикцијата на Судот во Стразбур, тогаш е парадоксално да се бара гаранција дека тие одлуки ќе се почитуваат. Пресудите на Судот треба да важат за сите членки на ЕУ“, нагласи Сиљановска Давкова.

Потсети дека во рамките на Совет на Европа во минатото биле преземани и сериозни мерки кон држави што ги прекршувале фундаменталните обврски, вклучително и можноста за исклучување од организацијата.

Сиљановска Давкова додаде дека во Лисабонски договор, инспириран од Копенхашки критериуми, јасно е наведено дека се почитуваат националниот и културниот идентитет на државите и народите, како и достоинството и интегритетот на граѓаните.

„Не може овие принципи да важат за земјите членки на Европската Унија, а да не важат и за државите кандидати“, потенцира претседателката Сиљановска-Давкова.

Повеќе
Грција ќе ги забрани социјалните медиуми за деца под 15 години од следната година
Муцунски: Стратешкиот дијалог со САД ја реафирмира нашата улога како кредибилен сојузник и партнер
7 април - Светски ден на здравјето 2026
„Заедно за здравје. Бидете на страната на науката “
ЕУ почнува преговори за укинување на роаминг-трошоците за Западен Балкан
Сиљановска Давкова: Климатските промени веќе не се закана, туку реалност
Мицкоски: Со навремените мерки спречивме инфлацијата да биде двојно поголема
Студенти протестираа во Скопје, бараат полагање на правосудниот испит и на албански јазик
Грција купува израелски ракетни системи ПУЛС во вредност од 758 милиони долари
Ново поскапување на дизелот, намалена цената на ЕУРОСУПЕР БС-95
Бугарија се соочува со зголемени притисоци од дефицитот, предупредува фискалниот совет
Николоски: Проектот „Градски воз“ напредува одлично, до јуни ќе биде завршена правата линија
Пронајден експлозив кај гасоводот меѓу Србија и Унгарија, Вучиќ разговарал со Орбан
Намалени акцизите за горивата, ДДВ од 10 отсто ќе продолжи до крајот на кризната состојба
Како е да се биде контролор на летање?
Македонка на Оксфорд работи на откривање на лек за дијабетес
Зголемен интерес за Козјак - Развој или закана за уникатната природа?
Вучиќ: Барам начин да избегнам кандидатура за премиер, но морам да бидам сигурен дека ќе победиме
Тројца министри во грчката влада поднесоа оставки поради наводна измама со субвенции од ЕУ
Албанија: Прекината седница на Парламентот откако опозицијата ја блокираше говорницата
Поставен камен-темелникот на далновод од ТС „Битола 2“ на граничниот премин Ќафасан