Пратениците од опозицијата во хрватскиот Парламент побараа оставка од премиерот Андреј Пленковиќ и распишување предвремени избори поради случајот со незаконски одложен отпад во Госпиќ, додека тој ја отфрли таквата можност и ја обвини опозицијата дека политички го „надувува“ прашањето.
Душица Радојчиќ, пратеничка од партијата „Можемо!“, ги обвини Владата и ХДЗ дека го загрозуваат здравјето на граѓаните, додека Марин Милетиќ од „Мост“ го повика Пленковиќ да го „признае поразот“ и да распише нови избори.
„Ако не сте знаеле за 1.700 камиони со токсичен отпад во кои е вмешана италијанската мафија во соработка со хрватската мафија – и тоа со одобрение од луѓе што сте ги поставиле на клучни позиции – тогаш мора да поднесете оставка. А ако сте знаеле, а не сте презеле ништо, тогаш институциите на оваа држава ќе мора да се занимаваат со вас“, рече Милетиќ.
Пленковиќ ја отфрли можноста за предвремени избори, нагласувајќи дека политичката филозофија на неговата влада е „стабилност, раст, речиси целосна вработеност – нивоа какви што Хрватска досега не видела – и зголемување на платите“.
„Нема да одиме на избори. Вие ќе продолжите да негодувате, додека ние ќе го решиме проблемот“, изјави Пленковиќ.
Сандра Бенчиќ од „Можемо!“ рече дека опозицијата бара оставка од премиерот бидејќи јавноста, како што истакна таа, повеќе нема доверба во начинот на кој Владата реагира на кризни ситуации.
Пленковиќ изјави дека опозицијата не е заинтересирана за решавање на проблемот во Госпиќ, туку за распишување избори. Во однос на санацијата, тој напомена дека таа се спроведува во неколку фази и се очекува Фондот за заштита на животната средина да избере компанија што ќе го отстрани отпадот (околу 4.500 тони растресит отпад) и ќе го згрижи надвор од Хрватска.
Случајот со незаконски одложениот отпад во Госпиќ предизвика значително незадоволство во јавноста, што доведе до масовен протест на граѓаните кои бараа итно отстранување на отпадот и одговорност од надлежните институции.






















