Најмалку 83 лица се повредени откако патнички автобус падна од 20-метарски насип во провинцијата Барселона, во североисточна Шпанија, соопштија локалните власти денес.
Несреќата се случила во неделата на тесен и кривулест пат, кога автобусот излетал од коловозот и паднал по стрмна падина во местото Фогарс де Монтклус. Причините за несреќата сè уште се предмет на истрага, објави јавниот сервис RTVE.
Министерката за здравство на Каталонија, Олга Пане, изјави дека 58 лица се здобиле со полесни повреди, 18 со повреди со средна тежина, а седум лица се сериозно повредени.
Засега нема пријавени смртни случаи.
Сепак, официјалните лица предупредија дека не може да се исклучи можноста за дополнителни жртви, укажувајќи на тешкиот терен околу местото на несреќата.
Автобусот сообраќал на линија помеѓу Природниот парк Монтсени и Фогарс де Монтклус, при што правел неколку постојки по должината на трасата за да прими патници.

























