Франција нема да прими американски воени авиони во своите бази на Блискиот Исток
„Информациите за наводно распоредување на американски воени авиони во нашите бази на Блискиот Исток се неточни“, изјави портпаролот на началникот на Генералштабот на француската армија
Франција нема да прими американски воени авиони во своите бази на Блискиот Исток, соопшти денес француската воена команда, со при што ги демантира медиумските извештаи, јавува Анадолу.
„Информациите за наводно распоредување на американски воени авиони во нашите бази на Блискиот Исток се неточни“, изјави портпаролот на началникот на Генералштабот на француската армија.
Сепак, на американските воени авиони што ќе се користат за поддршка на операции, но не и на борбени авиони, привремено им е дозволено да бидат стационирани во воздухопловната база „Истр“ во Југоисточна Франција, соопшти француската војска за Франс инфо.
Според француските вооружени сили, присуството на овие авиони е дел од „рутинска процедура во рамките на НАТО“, трансатлантски воен сојуз во кој се наоѓаат повеќе европски и северноамерикански земји.
Со оглед на тензиите околу тековните американски воени операции против Иран, Франција побарала авионите „на никаков начин да не учествуваат“ во операциите што Вашингтон ги спроведува против таа земја.
Наместо тоа, тие мора да се користат „строго за поддршка на одбраната на нашите партнери во регионот“, изјави портпаролот, додавајќи дека Париз добил „целосни уверувања“ дека овој услов ќе биде почитуван.
Појаснувањето следува откако претходно се појавија извештаи дека американски авиони би можеле да бидат сместени во француски бази на Блискиот Исток, информација што беше пренесена од повеќе медиуми пред да биде демантирана од француската војска.