Кина бележи најниска стапка на наталитет од 1949 година

Според податоците на Националното биро за статистика, бројот на раѓања лани се намалил на 5,6 на 1.000 жители, додека вкупниот број на новороденчиња паднал на 7,9 милиони, што претставува остар пад од 1,6 милиони и најголем годишен пад од 2020 година

By
Податоците претставуваат сериозен удар за напорите на Пекинг да изгради „општество пријателско кон семејствата и раѓањето“ / Reuters

Кина ја забележа најниската стапка на наталитет од основањето на Народна Република Кина во 1949 година, покажуваат најновите официјални податоци објавени денес.

Според податоците на Националното биро за статистика, бројот на раѓања лани се намалил на 5,6 на 1.000 жители, додека вкупниот број на новороденчиња паднал на 7,9 милиони, што претставува остар пад од 1,6 милиони и најголем годишен пад од 2020 година, јави Блумберг.

Овој тренд придонесе вкупното население на Кина да се намали за 3,4 милиони, со што беше забележан четврти последователен годишен пад на бројот на жители.

Стапката на смртност во Кина од 8,04 на 1.000 луѓе во 2025 година беше највисока од 1968 година.

Податоците претставуваат сериозен удар за напорите на Пекинг да изгради „општество пријателско кон семејствата и раѓањето“, што е дел од политиките на претседателот Кси Џинпинг и покрај воведувањето парични субвенции, продолжен родителски одмор и други стимули.

Во 2024 година, Кина го забележа и најнискиот број на склучени бракови од 1980 година, со само 6,1 милион парови кои стапиле во брак, што претставува пад од 20,5 отсто во однос на 2023 година, додека стапката на разводи се зголемила за 1,1 отсто.

Демографските притисоци во земјата дополнително се продлабочуваат поради континуирано ниските стапки на наталитет, условени од намалениот број жени во репродуктивна возраст, како и од одложувањето на бракот и родителството кај помладите генерации поради социјални и економски притисоци.

И покрај политиките што Пекинг ги спроведува за справување со падот на браковите и раѓањата, досега не се забележани значајни резултати.

Населението на Кина во 2024 година изнесувало околу 1,4 милијарди жители, што претставува трет последователен годишен пад од 2021 година.