Конгресот ја отфрли резолуцијата со која би се ограничила воената акција на Трамп во Иран
Резолуцијата предвидуваше суспендирање на американските воени операции во Иран сè додека Конгресот на САД не одобри војна или употреба на воена сила, при што само двајца републиканци ја поддржаа резолуцијата заедно со мнозинството демократи
Претставничкиот дом на Соединетите Американски Држави ја отфрли резолуцијата со која би се ограничиле воените операции на американскиот претседател Доналд Трамп во Иран, еден ден откако американскиот Сенат ја блокираше истата иницијатива.
Гласањето во Претставничкиот дом за резолуцијата за воени овластувања, која има за цел да спречи продолжување на нападите врз Иран без одобрение од Конгресот, заврши со 212 гласови „ЗА“ наспроти 219 „ПРОТИВ“, при што само двајца републиканци ја поддржаа резолуцијата заедно со мнозинството демократи.
Резолуцијата предвидуваше суспендирање на американските воени операции во Иран сè додека Конгресот на САД не одобри војна или употреба на воена сила.
Соочени со претседател кој го прошири влијанието на извршната власт врз законодавната власт откако се врати во Белата куќа во јануари 2025 година, многу демократски пратеници велат дека сакаат да го потврдат авторитетот на Конгресот, единственото тело овластено од Уставот на САД да објавува војна.
Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, ги критикуваше Трамп и републиканците за „воведување на Америка во уште еден бесконечен конфликт на Блискиот Исток, трошење милијарди долари за бомбардирање на Иран“, додека, според неговите зборови, грижата за цените на храната, здравствената заштита и домувањето за американските граѓани е занемарена.
Но иако само Конгресот има моќ да објави војна, законот од 1973 година му дозволува на претседателот да иницира ограничена воена интервенција како одговор на вонредна ситуација создадена од напад врз Соединетите Американски Држави.
Републиканците тврдат дека Трамп имал избор и решил да ги брани Соединетите Држави од „непосредна закана“.
Соединетите Американски Држави и Израел го нападнаа Иран во саботата, во она што го нарекоа „превентивни напади“, кои се случија по неуспехот на неколку рунди преговори за нуклеарната програма на Иран.
Потоа Иран започна масовни одмазднички напади врз Израел и цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.