Избрани нови членки на Судскиот совет по предлог на претседателката Сиљановска-Давкова
Верувам дека нивниот избор е реформски чин и очекувам од обете да ја оправдаат мојата доверба и довербата на пратениците, цврсто бранејќи го независното судство и владеењето на правото
Пратениците ги избраа двете нови членки на Судскиот совет, највисоката државна институција за избор, надзор и разрешување на судиите во земјата, по предлог на македонската претседателка Гордана Сиљановска Давкова.
„За мене, голем демократски чекор е можноста да ги презентирам пред пратениците причините заради коишто ги предложив д-р Арлинда Кадри-Шахиновиќ и Сузана Јошевска-Анастасовска за членови на Судскиот совет“, рече Сиљановска-Давкова при претставување на предлозите.
Собранието со 72 гласа за, осум против и само еден воздржан ја изгласа номинацијата на адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, со што беше постигнат практично консензус меѓу парламентарните партии.
Професорката Арлинда Кадри-Шахиновиќ исто така беше изгласана од пратениците со 63 гласа за, додека единствено пратениците на ДУИ и коалицијата Европски фронт беа против.
„Верувам дека нивниот избор е реформски чин и очекувам од обете да ја оправдаат мојата доверба и довербата на пратениците, цврсто бранејќи го независното судство и владеењето на правото“, рече претседателката.
Судскиот совет е под критики на јавноста и особено на власта дека наводно работи под партиски притисок на претходната власт и дека затоа довербата во судството е на рекордно ниско ниво.
Власта исто така преку Собранието изгласа недоверба на членовите на Судскиот совет, но тие одбија да си поднесат оставки бидејќи недовербата не значи автоматски и разрешување, затоа што станува збор за независно тело.
Изборот на новите членки по предлог на претседателката на државата и со поширок конзензус меѓу пратениците треба да овозможи зголемена доверба во работата на Судскиот совет, но и натаму има уште две непополнети места на членови кои си поднесоа оставки поради сомнежи за злоупотреби на положбата или на кои им заврши мандатот.