Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека Русија е подготвена да потпише мировен договор, но дека убедувањето на Украина да се согласи со договорот е потешко од тоа што очекувал.
„Мислам дека имаме договор со Русија. Мораме да постигнеме договор со Зеленски и се надевам дека ќе постигнеме. Мислев дека ќе биде полесно да се договориме со Зеленски. Досега беше потешко. Но, добро, тоа е во ред“, рече Трамп во изјавата во Белата куќа.
Претходно Трамп го критикуваше Зеленски за изјавата што ја даде на прес-конференција во вторникот, во која тој отфрли секаква можност Киев да ја признае руската окупација на полуостровот Крим.
„Оваа изјава е многу штетна за мировните преговори со Русија, имајќи предвид дека Крим беше изгубен пред многу години, кога беше претседател Барак Обама, и веќе не е тема на разговор. Никој не бара Зеленски да го признае Крим како руска територија, но ако тој го сака, зошто не се бореа за него пред единаесет години кога и беше предаден на Русија без пукање?” напиша Трамп на социјалните мрежи.
На прашањето на новинарите дали договорот што тој рече дека Русија ќе го прифати вклучува и признавање на рускиот суверенитет над Крим, Трамп одговори нејасно: „Видете, сакам само да заврши војната. Ако двете страни се задоволни и го потпишат договорот, тоа е најважно. Немам фаворит. Сакам само договор. Сакам да се спасат животи“, рече тој.
Тој додаде дека е можно наскоро да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.



















