Во однос на наводите во јавноста за трансфер на поголеми износи на средства во и кон Србија и Русија преку „АЛТА банка“ АД Битола, Народната банка информира дека врз основа на детално анализирани податоци, вакви трансакции во текот на 2025 година и заклучно октомври 2026 година не се забележани.
„Податоците покажуваат дека трансакциите на клиентите на Банката со Србија се во незначителни износи, особено имајќи го предвид обемот на платниот промет и редовното работење на „АЛТА банка“ АД Битола. Во 2025 година и заклучно со октомври 2026 година, приливите од Србија изнесуваат 2,2 милиона евра и 6,2 милиона евра, соодветно, додека одливите изнесуваат 5,3 милиони евра и 7,2 милиона евра. Овие трансакции се поврзани со редовното работење на клиентите на банката“, соопшти Народната банка.
Во истиот период, додаваат одтаму, приливите од и одливите кон Русија не се евидентирани во платниот промет и билансот на Банката.
Од Народната банка денеска соопштија дека на 556 пензионери кои имаат платежни сметки во Банката, а не располагаат со платежни картички, денеска им се исплатени средства од „АЛТА банка“ АД Битола, во филијалата во Битола, иако според првичниот план се очекувале околу 400 исплати.
„Исплатата на средствата се одвиваше во најдобар ред. Иако за денеска преку СМС-пораки беа повикани околу 400 граѓани, на шалтерите беа услужени сите граѓаните кои немаат оставено телефонски број за контакт, а самостојно дошле да ги подигнат средствата. Согласно со утврдените ограничувања, граѓаните можеа да повлечат до 20.000 денари, во рамките на максимално дозволениот износ за период од две недели“, рекоа од НБ.
Истовремено, на сметките на „АЛТА банка“ АД Битола денеска се уплатени и средствата наменети за исплата на социјалната помош од страна на Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Со тоа се создадени услови исплатата на средствата за корисниците на социјална помош да започне од утре, 6 ноември.
„Потсетуваме дека филијалата на „АЛТА банка“ во Битола утре (6.11) ќе работи во две смени, а ќе работи и во сабота. Очекуваме по извршените подготовки, следната недела да се отворат шалтери и во другите градови. Народната банка продолжува со преземање активности за надминување на настанатата состојба и изнаоѓање соодветни решенија за постепено и безбедно олеснување на располагањето со средствата на граѓаните и компаниите“, соопшти НБ.




















