Министерот за односи меѓу заедниците во Република Северна Македонија Агон Ферати на средба прими претставници на бошњачката заедница, по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на Бошњаците - 28 Септември.
Како што истакнаа од ресорното министерство, на средбата било истакнато значењето на придонесот на бошњачката заедница во општеството, како и потребата од продолжување на институционалната соработка во насока на адресирање на нивните прашања и потреби.
„Како министер, се обврзав дека ќе бидам во служба на потребите на Бошњаците и дека заедно ќе работиме на создавање подобри можности за сите“, истакна министерот Ферати.
„Бошњаците, исто како и сите други граѓани, се важна алка на нашето општество, а нивниот придонес е значаен дел од нашиот општествен мозаик. Нашата заложба е секоја заедница да има простор, поддршка и еднакви можности за развој и напредок“, истакна министерот Ферати, упатувајќи честитки до бошњачката заедница по повод нивниот Меѓународен ден.
Бошњаците во земјава го одбележаа Меѓународниот ден на Бошњаците со низа настани од информативен, едукативен и културен карактер, испраќајќи ја пораката дека и тие се дел од мултиетничкиот мозаик на општеството и имаат исклучителен придонес во развојот на земјата во сите нејзини сфери.
Со измените на Законот за празници, 8. февруари 2007 година во Собранието на Република Македонија, 28 септември (Денот кога на Бошњачкиот сабор во Сараево 1993 година е вратено националното име Бошњак) прогласен е за Ден на Бошњаците во земјава.






















