Фон Дер Лајен: ЕУ мора итно да ги поедностави регулативите за да биде конкурентна на САД и Кина

Ни треба еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал, тоа е целта на нашата политика за штедење и инвестирање, мораме да напредуваме за да ги урнеме бариерите што нè спречуваат да бидеме вистински глобален гигант, рече претседателката на ЕК

By
Таа повикува на побрз пристап до капитал, подлабока интеграција и стратешкa политикa „Купувајте европски производи“ / Reuters

ЕУ мора да ги „урне бариерите“ што ја спречуваат да стане вистински глобален економски гигант, изјави во среда претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, пред разговорите на лидерите за тоа како блокот од 27 земји да биде поконкурентен.

„На нашите компании им е потребен капитал веднаш. Затоа, да го завршиме тоа оваа година“, им рече претседателката на комисијата на пратениците на ЕУ додека ги истакнуваше клучните чекори за премостување на јазот со Кина и САД.

„Погледнете ги САД: постои еден финансиски систем, една финансиска престолнинаи неколку други финансиски центри. Во Европа, пак, имаме 27 различни финансиски системи, секој со свој супервизор“, изјави фон дер Лајен.

Таа додаде дека има повеќе од 300 места за тргување низ цела ЕУ.

„Ова е „фрагментација на стероиди. Ни треба еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал. Тоа е целта на нашата политика за штедење и инвестирање. Мораме да напредуваме на еден или друг начин за да ги урнеме бариерите што нè спречуваат да бидеме вистински глобален гигант“, рече таа.

Оживувањето на замрената економија на ЕУ доби поголема итност во услови на геополитички шокови, од заканите и царините на американскиот претседател Доналд Трамп што ја нарушуваат глобалната трговија до неговиот притисок да го одземе Гренланд од Данска.

Фон дер Лајен ја пренесе својата порака пред да се упати со лидерите на ЕУ, вклучувајќи го францускиот Емануел Макрон и германскиот Фридрих Мерц, на собир на индустриски директори во Антверпен, во пресрет на самитот за зајакнување на економијата на блокот.

Фон дер Лајен додаде дека ќе им предложи на лидерите на ЕУ на самитот во март да одобрат заедничка мапа на патот за постигнување на единствен пазар на капитал до 2028 година, со јасни чекори за негово продлабочување и зајакнување.

Клучно прашање идентификувано од ЕУ е фактот дека европските компании се соочуваат со тешкотии во пристапот до капитал за проширување, за разлика од нивните американски колеги.

За да се справи со ова, Планот А би бил да напредуваат заедно како 27 држави, рече фон дер Лајен, но ако не можат да постигнат договор, ЕУ треба да размисли за „засилена соработка“ меѓу земјите што сакаат.

Притисок за „Купувајте европски производи“

Фон дер Лајен рече дека Европа треба да ја зголеми својата конкурентност со „зголемување на производството“ на континентот и „со проширување на нашата мрежа на сигурни партнери“, посочувајќи на важноста на потпишувањето трговски договори.

По неодамнешните договори со јужноамериканскиот блок Меркосур и Индија, таа рече дека се на пат уште повеќе - со Австралија, Тајланд, Филипините и Обединетите Арапски Емирати.

Еден од најголемите - и најдискутираните - предлози за зајакнување на економијата на ЕУ е фаворизирање на европските фирми пред странските конкуренти во „стратешките“ области, што го поддржува фон дер Лајен.

„Во стратешките сектори, европските преференции се неопходен инструмент... што ќе придонесе за зајакнување на сопствената производствена база на Европа“, рече таа - додека предупредуваше против пристапот „една големина за сите“.

Франција го предводи притисокот, но некои земји од ЕУ, како Шведска, се претпазливи да не скршнат во протекционизам и го предупредуваат Брисел да не оди предалеку.

Извршната власт на ЕУ, исто така, следниот месец ќе го предложи 28-миот режим, познат и како „EU Inc“, доброволен сет правила за бизнисите што би се применувале низ целата Европска Унија и нема да бидат поврзани со ниедна одредена земја.

Брисел тврди дека ова би им го олеснило работењето на компаниите низ цела ЕУ, бидејќи фрагментираниот пазар често се обвинува за тоа зошто економијата не е подобра.

Комисијата, исто така, е ангажирана во огромен напор за намалување на бирократијата за фирмите, кои се жалат дека правилата на ЕУ им го отежнуваат работењето - предизвикувајќи обвинувања од критичарите дека Брисел го разводнува клучното законодавство, особено за климата.