Црвен метео аларм поради обилни врнежи во Бугарија и Романија

Метеоролозите предвидуваат врнежи и од 140 литри на метар квадратен

Floods Bulgaria / Reuters

Метеоролозите во Бугарија и Романија прогласија црвен аларм поради обилните врнежи од дожд. Во Романија за Букурешт се предвидени врнежи до 140 литри на метар квадратен.

Според најновото предупредување на Романската национална метеоролошка управа се очекуваат обилни дождови во неколку области.

Врнежите од дожд би можеле да достигнат од 80 до 100 литри на квадратен метар, а локално до 120 до 140 литри на квадратен метар во кратки интервали или вкупни врнежи од дожд.

Обилните дождови продолжија да ја погодуваат и Бугарија, а 51 населено место остана без електрична енергија поради невремето.

Надлежните органи вршат зголемен надзор над сите мостови и инфраструктура што е потенцијално оштетена поради поплавите.

Службениците предупредија дека секоја локација што е изложена на ризик ќе биде веднаш затворена.

Бугарскиот национален институт за метеорологија и хидрологија прогласи црвен метеоролошки аларм, највисоко ниво на предупредување, за осум области каде што се очекуваат повеќе од 65 литри дожд на квадратен метар.

Во исто време, властите објавија дека Бугарија ќе побара помош од Европскиот фонд за солидарност за погодените подрачја поради предизвиканите штети.