Министерството за одбрана на Русија денес објави дека во текот на ноќта, како одговор на „терористичките напади на Киев“, руските вооружени сили започнаа масовен напад врз објектите на одбранбената индустрија.
„Како одговор на терористичките напади на режимот во Киев, вооружените сили на Руската Федерација започнаа масовен напад со употреба на прецизно оружје со долг дострел од воздух, од копно и од море, вклучувајќи хиперсонични аеробалистички ракети и беспилотни летала, против претпријатија од одбранбената индустрија на Украина“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Според извештаите, погодени се објекти во Киев, Запорожје, Харков и Дњепропетровск контролирани од украинските вооружени сили, како и во Полтавскиот, Хмелницкиот и Сумискиот регион.
Министерството за одбрана додаде дека во нападот се оштетени и објекти за гориво и транспортна инфраструктура што ја користат украинските вооружени сили, како и воени аеродроми.
Најмалку четири лица се убиени, а 51 се ранети во масовниот напад на руските сили врз Киев, изјави рано утрово градоначалникот на главниот град на Украина, Виталиј Кличко, наведувајќи дека „како резултат на масовниот напад на непријателот врз главниот град, евидентирана е штета во различни делови од градот“.
















