| Macedonian
ПОЛИТИКА
6 мин читање
Избори во Израел: Што значат рекордните бројки на арапските партии за ционистичката политика
Аналитичарите велат дека ционистичките политичари веројатно ќе ги претстават успесите на палестинските Израелци како извор на несигурност и ќе го истакнуваат наративот за „арапската закана“ во претстојните изборни циклуси
Избори во Израел: Што значат рекордните бројки на арапските партии за ционистичката политика
Кандидатите на алијансата Заедничка листа, предводена од Арапи-Ахмад Тиби, Јусеф Џабарин и Сами Абу Шехаде на предизборен собир на 23 октомври

Арапските партии, кои главно се поддржани од палестинските граѓани на Израел, остварија значајна „победа“ на изборите на 27 октомври, менувајќи го односот на силите во Кнесетот.

Со преброени околу 90 отсто од гласовите до четвртокот, двете главни партии предводени од Арапи - Заедничката листа (Joint List) и Раам (Ra’am) - се на пат да освојат вкупно 19 пратенички места.

Оваа бројка е речиси двојно поголема од претходните 10 места и значително над рекордот од 15 места постигнат во 2020 година.

Според последните податоци, се очекува десничарскиот и ултраортодоксниот блок на Нетанјаху да освои 53 места, додека опозицискиот блок предводен од Гади Ајзенкот би требало да освои 48 места.

Не се очекува ниту еден од ционистичките блокови да го достигне прагот од 61 место, потребен за формирање влада во Кнесетот, кој брои 120 пратеници.

Проектираните 19 места им даваат на партиите предводени од Арапи значително влијание во коалициските преговори, но тоа не им гарантира место во владата.

Ова создава можност за двете арапски партии да го потврдат својот демократски легитимитет во земја каде што палестинските Израелци долго време се третираат како граѓани од втор ред.

Оваа заедница, која живее во посебни населби, ја сочинуваат луѓе чии предци останале на своите огништа за време на Накба- масовното протерување на повеќе од 750.000 Палестинци по основањето на Израел во 1948 година.

Нивото на дискриминација врз палестинските Израелци, кои денес сочинуваат околу 20 отсто од населението во земјата, драстично се зголеми по нападите од 7 октомври пред три години.

Во населбите каде што доминираат палестински Израелци, дојде до значителна промена во гласачките трендови. Излезноста таму достигна 80 отсто, што е највисоко ниво во последните неколку децении. 

ПоврзаниTRT Balkan - Лапид вели дека Нетанјаху „нема начин“ да формира влада по изборите во Израел

Тие гласаа во голем број поради длабоката фрустрација од најдесничарската влада во историјата на Израел и нејзините екстремно десничарски министри, кои ветија дека ќе ги „јудаизираат“ деловите од Израел населени со палестински Израелци.

Експертите велат дека арапските партии оствариле изборен напредок и покрај изборната стратегија на Нетанјаху, која била фокусирана на делегитимирање на арапското политичко учество во процесот на формирање коалиција.

Партијата Ликуд на Нетанјаху веќе изјави дека изборите биле „украдени од арапските партии“, за кои тврди дека „го поддржуваат теророт и уништувањето на еврејската држава“, преку поткуп, закани, насилство, фалсификати и употреба на нелегален софтвер.

Клучни претставници од двата ционистички блока изјавија дека не би вклучиле палестински Израелци во евентуална коалиција.

Ферит Белдер, вонреден професор по меѓународни односи на Универзитетот Мармара во Истанбул, за ТРТ Ворлд вели дека лидерите на опозицијата главно го одложиле ова прашање за периодот по гласањето, со цел да ги избегнат политичките последици од „нормализирањето“ на арапската политика на првите избори по 7 октомври 2023 година.

„И покрај нивниот изборен успех, не е загарантирано дека арапските партии ќе успеат да го претворат тој успех во конкретни придобивки и да станат дел од ’легитимниот круг за формирање коалиции‘“, вели тој.

Тој додава дека потезите на Централната изборна комисија против арапските партии- чие решавање беше препуштено на Врховниот суд- дополнително ја истакнаа неподготвеноста на ционистичките партии да го бранат легитимното учество на Арапите.

Озгур Дикмен, истражувач на еврејската политика, за ТРТ Ворлд вели дека е поверојатно ционистичките политичари да ги претстават успесите на палестинските Израелци како извор на несигурност и закана.

Според него, во случај на нов изборен циклус, сличен на оние што се случија меѓу 2018 и 2022 година, наративот за „арапска закана“ би останал корисна алатка за десницата.

Политичка сила што мора да се земе предвид

Бројките покажуваат дека ционистичките блокови зависат од арапските партии за да обезбедат мнозинство, што ја зголемува политичката цена на нивното исклучување. 

Ѓокан Џинкара, директор на Центарот за применети истражувања на глобални и регионални студии при Универзитетот Неџметин Ербакан, за TРТ Ворлд изјави дека изборните резултати претставуваат значајна пресвртница во израелската политика.

ПоврзаниTRT Balkan - Херцог ги повика партиите да избегнат нови избори откако ниеден блок не обезбеди мнозинство

Тој вели дека арапските партии станале политичка сила која веќе не може да се игнорира.

„Секој што се обидува да формира влада, на еден или друг начин ќе мора да соработува со арапските партии“, вели тој.

Двете арапски партии пристапија кон изборите со различни стратегии.

Раам, предводена од Мансур Абас, инсистираше на формално учество во коалицијата за да одговори на грижите на палестинско-израелската заедница.

Раам исто така влезе во владата на Бенет и Лапид во 2021 година. Нејзиниот интеграциски пристап и потези- како што е вклучувањето на поранешниот пратеник од партијата Јеш Атид, Јоав Сегалович, на изборната листа за Кнесетот- веќе ја позиционираа оваа партија како потенцијален коалициски партнер.

Заедничката листа- сојуз составен од комунистичката Хадаш, секуларистичката Таал и националистичката Балад- понуди само надворешна поддршка за која било влада против Нетанјаху, во замена за конкретни барања: посилно дејствување во борбата против насилството и криминалот, подобрување на станбените услови и укинување на дискриминаторските политики на владата на Нетанјаху.

Дикмен вели дека шансите за „формално вклучување“ на арапските партии во коалицијата остануваат ограничени.

Тој смета дека е малку поверојатно блокот на Ајзенкот да прифати коалиција поддржана од арапските партии, особено со поединци како Абас, кои се подготвени да дејствуваат како партнери што даваат поддршка.

„Не мислам дека е многу реално да се очекува палестинско-израелски министер“, вели Дикмен.

Белдер истакнува дека главната задача на арапските партии е да ги претворат своите пратенички места во Кнесетот во конкретни подобрувања во секојдневниот живот на палестинските граѓани на Израел.

Според Белдер, Абас од партијата Раам долго време тврди дека парламентарното присуство без извршна власт ги сведува партиите на „свет на слогани“.

Во Кнесетот, може да се очекува дека поголема и посамоуверена група палестински пратеници од Израел барем ќе ги преобликува дебатите за еднаквоста и правата на малцинствата, дури и ако суштинските спорови околу карактерот на државата останат главно непроменети.

Дикмен посочува дека од декември 2022 година, Министерството за национална безбедност, предводено од екстремно десничарскиот Итамар Бен Гвир, значително го намалило буџетот за безбедност во градовите со мнозинско палестинско-израелско население. 

Тоа придонело за нагло зголемување на стапката на криминал- што е еден од факторите за високата излезеност на гласачите.

„Мислам дека таквата реакција ќе се одрази врз ставовите на палестинските пратеници во Кнесетот“, вели тој.

Белдер очекува дека напорите на екстремната десница за поткопување на судската власт, како и политиките што му штетат на секојдневниот живот на палестинските граѓани на Израел- како што се демонстративното уривање домови и понижувањето на жителите под водство на Бен Гвир- би можеле да бидат запрени или ограничени.

Тој додава дека и насилството од страна на доселениците на окупираниот Западен Брег би можело да биде предмет на построг владин надзор.

Џинкара напоменува дека арапските партии ќе одиграат важна улога во промовирањето на приоритетите на опозицијата, вклучително и при изборот на претседател на Кнесетот и распределбата на местата во парламентарните комисии.

„Клучниот предизвик за арапските партии ќе биде и да им понудат на своите гласачи конкретни, практични политики“, додава тој.

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
Големи донатори, поголеми влогови: Парите ги обликуваат трките на среднoрочните избори во САД
Теленовела во живо: Приказната за семејството Болсонаро
Избори во Израел: Што значат рекордните бројки на арапските партии за ционистичката политика
Како растечките тензии меѓу САД и Украина ќе го обликуваат текот на војната?
Врховен суд ги укина пресудите за пожарот во модуларната болница во Тетово
Зеленски доаѓа во Туркије на разговори со Ердоган за војната во Украина и безбедноста во Црното Moре
Емине Ердоган повикува на посилна соработка во однос на жените и семејствата низ туркискиот свет
Трамп не планира да го поддржи тврдењето на Болсонаро дека е лидер на Бразил
Ердоган: Нема трајно решение за Кипар без заштита на правата на кипарските Турци
Брнабиќ: Претседателските избори во Србија ќе бидат распишани до 27 ноември
Лапид вели дека Нетанјаху „нема начин“ да формира влада по изборите во Израел
Од 1 мај директна авионска линија меѓу Скопје и Тиват
Дневни блиц вести 30.10.2026
Катарските посредници повторно во Техеран за обнова на преговорите САД-Иран
Претседателот Ердоган ја истакна солидарноста меѓу турските држави