Претставничкиот дом на Либија денес едногласно го одобри договорот за поморските граници со Туркије, со што ја смени својата претходна одлука против договорот и прекинот на политичките односи со Анкара, се наведува во соопштението на либискиот Парламент.
Во соопштението издадено во Бенгази, Парламентот наведе дека пратениците едногласно гласале за одобрување на Меморандумот за разбирање, потпишан меѓу Туркије и поранешната Влада на национално единство на Либија, кој се однесува на разграничувањето на зоните на поморска јурисдикција во Средоземното Море.
Парламентот, исто така, ја укина Резолуцијата бр. 1 од 2020 година, со која претходно беше одбиена ратификацијата на два меморандума за разбирање потпишани меѓу Либија и Туркије.
Пратениците едногласно гласаа и за укинување на Резолуцијата бр. 6 од 2020 година, со која се бараше прекин на политичките односи со Анкара, се додава во соопштението.
Туркије и Либија го потпишаа договорот за поморска јурисдикција во ноември 2019 година, со цел да се утврдат границите на нивните соодветни поморски зони во Средоземното Море.
Денешното гласање е промена на претходното противење на либискиот Парламент кон овие договори, како и промена на неговиот претходен став во однос на политичките односи со Туркије.





















