Белата куќа синоќа го отвори својот онлајн стриминг канал Трамп ТВ (Trump TV), во екот на ескалацијата на спорот со главните американски медиумски куќи откако претседателот Доналд Трамп им забрани на новинарите на Си-Ен-Ен, Политико и МС Нау известување од Белата куќа, што ги поттикна медиумите солидарно да го бојкотираат известувањето за Трамп.
Каналот започна да се емитува вчеравечер, со реприза на говорот на Трамп од 3 јули на планината Рашмор, како дел од програмата насловена Трамп TВ: Станица за најважните содржини (Trump TV: The Essentials Station), а се емитуват и снимки од американските воени вежби придружени со коментари што ги пофалуваат способностите на вооружените сили.
Во описот на каналот на ЈуТјуб стои: „Гледајте ги клучните моменти од администрацијата на Трамп, сите на едно место“.
Не е јасно дали програмата ќе емитува актуелни настани користејќи го ЈТ каналот на Белата куќа, која веќе некое време обезбедуваше пренос во живо од настапите на Трамп, потсетува германската агенција ДПА.
Лансирањето на Трамп ТВ доаѓа откако Трамп во петокот објави дека го одзема пристапот до Белата куќа за новинарите од Си-Ен-Ен, МС Нау и Политико, ескалирајќи го долгогодишниот спор со медиумите.
Трамп ги обвини медиумите за ширење лажни вести против него и неговата админситрација. Критичарите го гледаат овој потег како обид за заплашување и напад врз слободата на печатот.
Трите медиуми вчера поднесоа тужба против администрацијата, велејќи дека нејзините постапки ја загрозуваат „слободата на печатот и правото на јавноста на независно новинарство ослободено од мешање на владата“, потсетува ДПА.
Другите големи американски радиодифузери одговорија со намалување на нивното известување за претседателот. Њујорк тајмс и Вашингтон пост, вчера, во знак на протест, исто така, го намалија своето фото-известување за Трамп.
Промените имаа непосреден ефект. На вчерашата прес-конференција Трамп зборуваше неколку минути, но не можеше да се слушне преносот во живо во Белата куќа. Новинарите од главните медиуми не беа присутни со свои камери и микрофони, како што обично се случува.
Главните американски телевизиски дифузери наизменично обезбедуваат известување за претседателските настани во она што е познато како заедничко известување од Белата куќа, при што ги споделуваат снимките со други медиуми, потсетува ДПА.




















