Поранешниот извршен директор на банката ЏП Морган Чејс им признал на американските пратеници дека споделувал класифицирани информации со Џефри Епштајн, покажува транскрипт од Надзорниот комитет на Претставничкиот дом.
Во јули, Џес Стејли сведочеше пред комитет на Долниот дом на Конгресот како дел од истрагата за Епштајн и неговата партнерка Гислен Максвел.
Транскриптите од сослушувањето на 69-годишниот банкар беа објавени во среда, објави Ројтерс.
Стејли признал дека на сексуалниот престапник поврзан со политичката, академската и финансиската елита му дал информации за комуникациите на банката со Федералниот резервен систем (ФЕД), централната банка на Америка, за време на финансиската криза во 2008 година.
Стејли тврди дека верувал дека има овластување да споделува информации кога сметал дека е соодветно и тврдел дека имал близок професионален однос со Епштајн, но не бил свесен за неговите злосторства, пишува Ројтерс.
Тој, исто така, призна дека го информирал Епштајн за загриженоста на банката за неговите големи подигнувања готовина и дека бил етикетиран како клиент со висок ризик.
Стејли помина повеќе од три децении во ЏП Морган, вклучително и како раководител на одделот за приватно банкарство и управување со богатство. Тој го водеше Барклис од 2015 до 2021 година.





















