Научниците развиле нов третман за поефикасна борба против недостатокот на железо во крвта

Препаратот се состои од нанофибрили од овесни протеини обложени со железни наночестички, што се апсорбира од телото двојно подобро од железото користено во железниот сулфат - моментално најшироко користениот стандард за дополнување на железото

By
Eдна од пет жени во Европа страда од недостаток на железо, последиците се анемија, постојан замор, хронични главоболки и ослабен имунитет / Reuters

Научниците развија и тестираа ново соединение за борба против недостатокот на железо, препарат што може да го апсорбира железото двојно побрзо од железото во сегашните додатоци. Тоа би можело ефикасно да го третира недостатокот на железо, кој влијае на 2 милијарди луѓе ширум светот.

Недостатокот на железо е глобално распространет проблем. Жените се особено погодени, при што една од пет во Европа страда од недостаток на железо. Последиците се анемија, постојан замор, хронични главоболки и ослабен имунолошки систем. 

Истражувачите предводени од Рафаеле Мезенга и Мајкл Б. Цимерман, професори на Федералниот институт за технологија ETХ во Цирих, Швајцарија, сега развија нов додаток во исхраната кој ефикасно би можел да го третира недостатокот на железо и анемијата. 

Препаратот се состои од јадливи нанофибрили од овесни протеини обложени со железни наночестички. Истражувањето е објавено во списанието Природна храна (Nature Food).

Новото соединение на железо не е само лесно за производство, туку е и исклучително ефикасно: железото што го содржи се апсорбира од телото речиси двојно подобро од железото применето кај железниот сулфат - моментално најшироко користениот стандард за дополнување на железо. 

Ова го покажува ригорозна клиничка студија спроведена од партнерите на проектот на ЕТХ во Тајланд. Тие го администрирале соединението на 52 жени на возраст од 18 до 45 години кои страдале од анемија поради недостаток на железо.

Веганите би можеле да имаат корист

Новиот препарат има неколку предности. Бидејќи е базиран на растителни протеини, значи дека е погоден за вегетаријанци и вегани. 

„Ова е важно бидејќи тие имаат поголема веројатност да страдаат од недостаток на железо отколку месојадите: телото подобро го апсорбира железото од животинската храна отколку железото од растителната храна“, вели професорот Мезенга. 

Новото соединение има и други предности: безвкусно е и безбојно, што значи дека не го менува значително вкусот или изгледот на храната. Спротивно на тоа, железниот сулфат ѝ дава на храната метален вкус.

„Сензорните својства играат голема улога во прифаќањето на адитивите во храната од страна на потрошувачите“, вели Џијангтао Џоу, првиот автор на студијата и поранешен постдокторски истражувач на Мезенга, а моментално доцент на Националниот универзитет во Сингапур. 

Додатокот на железо од овесни протеини е исто така многу лесен за земање: може да се раствори во вода или сок, или да се додаде во храната во форма на прав - на пример, мусли. 

„Сепак, клиничката студија покажува дека додатокот најдобро се апсорбира кога е растворен во вода“, вели Мезенга.

Оние со недостаток на железо често го внесуваат железото во погрешна форма. Железото се јавува природно во црвено месо, леќа и интегрални житарки. 

Жените во пременопауза имаат особено висока потреба од железо од 18 милиграми дневно. Дневната потреба за мажите е помала, 11 милиграми. Сепак, и околу 15 проценти од мажите страдаат од недостаток на железо. 

За да се борат против ова, луѓето посегнуваат по додатоци на железо кои телото честопати не може доволно да ги апсорбира и бараат инфузии од железо во случај на сериозен недостаток на железо.

Истражувачите првично користеле животински протеини за да го развијат својот процес на додатоци на железо пред неколку години; сепак, истиот патент ги опфаќа сите извори на протеини во исхраната, вклучително и оние што се на растителна основа. 

Мезенга и неговите колеги сега се надеваат дека влакната од овесни протеини збогатени со железо наскоро ќе можат да се користат на различни начини. 

„Пречките за лансирање додаток во исхраната се помали од оние за фармаколошки производ“, објаснува професорот од ETХ, кој има за цел понатаму да ја развива технологијата за борба против други недостатоци, како што се цинк и селен.

Извор: ЕТХ Цирих