Први во Европа: Финска отвори рудник за литиум со фабрика за преработка на рудата за батерии

Финска сега нуди комплетен синџир на снабдување од руда до литиум хидроксид подготвен за батерии, што ѝ дава предност во однос на Португалија, која има резерви на литиум, но нема преработка

By
Вкупната вредност на инвестицијата во рудникот, фабриката за збогатување на руда и хемиската фабрика е околу 800 милиони евра / Reuters

Финска го отвори првиот рудник за литиум во Европа и фабрика за преработка што може да се користи за батерии, со што Европа за прв пат добива свој комплетен производствен синџир за оваа суровина и се намалува зависноста од увоз од Кина.

Рударската компанија Келибер започна со експлоатација во Каустинен на западот од земјата, додека преработката се одвива во областа Кокола, а се очекува проектот да создаде околу 350 работни места, објавува финскиот портал Иле.

Првите количини руда биле ископани во површинскиот рудник Сивејерви, во студени зимски услови, што симболично го означи почетокот на долгорочниот проект.

Генералниот директор на компанијата, Хану Хаутала, рече дека тоа е „момент за славење“ и потсети дека компанијата е основана пред 25 години, додека локацијата е откриена пред повеќе од шест децении.

Мнозински сопственик на Келибер е јужноафриканската компанија Сибанје-Стилвотер со 80 проценти удел, додека преостанатите 20 проценти ги држи Финска групација за минерали, компанија во целосна сопственост на финската држава.

Вкупната вредност на инвестицијата во рудникот, фабриката за збогатување на руда во Певенева и хемиската фабрика во Кокола е околу 800 милиони евра.

Финска сега нуди комплетен синџир на снабдување од руда до литиум хидроксид подготвен за батерии, што ѝ дава предност во однос на Португалија, која има резерви на литиум, но нема преработка.

Фабриката за збогатување на руда ќе започне со работа оваа пролет, додека хемиската фабрика се очекува да започне со работа кон крајот на годината.

По дробењето, рудата се преработува во концентрат, а потоа во литиум хидроксид наменет за производителите на батерии во Европа.

Компанијата планира да отвори уште шест рударски локации во регионот Каустинен и Кокола.

Проценките покажуваат дека главните наоѓалишта би можеле да обезбедат производство за следните 18 години, додека истражувањето на нови наоѓалишта продолжува.

Финскиот Каустинен е мала општина со околу 4.300 жители и ниска густина на население.

Проценките вклучени во студиите за влијание врз животната средина (EИA) покажуваат дека влијанието на рударството врз животната средина ќе биде релативно мало до умерено, со соодветна заштита, бидејќи рудниците се далеку од поголемите населени места и се планирани според финските стандарди.

Влијанието врз водните патишта и почвата е оценето како умерено ниско, но локалните студии предвидуваат дека мора да има постојано следење на квалитетот на отпадните води и ефикасен третман пред испуштање во природата.