ДИК: Ќе се гласа само еднаш, гласањето е тајно, со важечка лична карта или пасош

Пред да го добијат гласачкото ливче избирачите ќе бидат проверувани со апаратите за биометриска идентификација со десниот палец.

ДИК: Потврдени 303 листи за градоначалник на општините и на Град Скопје / AA

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница донесе Упатство за гласање на Локалните избори 2025. Гласањето е лично, а избирачите на гласање ќе можат да одат само еднаш, ќе се идентификуваат со лична карта или со пасош. Ќе можат да гласаат и лица чија важност на документите им истеклa од денот на распишување на изборите до 19 октомври. Пред да го добијат гласачкото ливче избирачите ќе бидат проверувани со апаратите за биометриска идентификација со десниот палец.

Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, истакна дека ќе бидат ставени печати на избирачките ливчиња пред тие да им бидат дадени на гласачите. Гласањето се врши самостојно, тајно зад параванот со пенкало во сина боја, а потоа ливчињата (по четири за Градот Скопје, по две за другите 80 општини) се ставаат во посебни гласачки кутии.

Забрането е групно, семејно или гласање за друг, фотографирање на избирачкото место и носење оружје на гласачкото место.

Доколку гласачот има потреба за помош при гласањето тоа ќе му биде овозможено, но тој сам треба да ја искаже својата волја.

Во врска со правилникот за платено политичко рекламирање Александар Даштевски, член на ДИК, истакна дека ДИК, АВМУ, ДКСК и ДЗР имаат испратено писмо до Собранието во врска со примената на Изборниот законик поврзанo со платено политичко рекламирање за Локалните избори 2025 година во кое тврдат дека во законот има нејаснотии.