Повеќе од 370.000 луѓе останале без електрична енергија во украинскиот регион Волин, кој граничи со Полска, ноќеска по руските напади со беспилотни летала во кои бил погоден и деловен објект со странски инвестиции, а биле повредени и две лица, изјави во четвртокот регионалниот гувернер Роман Романјук.
Уште пет лица се повредени откако беспилотни летала погодија станбена зграда во Уман, во централна Украина, соопшти националната полиција.
Во Киев беа воведени итни исклучувања на електричната енергија за време на руските напади, објави на платформата Х приватниот снабдувач со енергија ДТЕК.
Полска подигна борбени авиони за да го заштити својот воздушен простор за време на нападите, соопштија вооружените сили на земјата, додавајќи подоцна дека не се забележани повреди на воздушниот простор.
На 12 октомври, Киев соопшти дека Русија извршила напад врз електрана во Харков, и покрај тоа што американскиот претседател Доналд Трамп објави дека Москва и Киев се договориле да ги прекинат нападите врз енергетската инфраструктура.
Зеленски изјави дека Украина го поддржува предложениот прекин на огнот, но дека сè уште нема видено докази за согласност од страна на Русија. Тој го повика Вашингтон да изврши притисок врз Москва за да го почитува предложеното примирје.
Од Кремљ изјавија дека контактите продолжуваат, без притоа да потврдат постигнување договор.

























