Јужна Кореја поднесе протест до САД поради изјавите на командантот на американските сили во Кореја (УСФК) во врска со меѓукорејската граница, изјави денес министерот за надворешни работи, Чо Хјун.
Командантот на американските сили во Кореја, генералот Ксавиер Брансон, кој истовремено раководи и со Командата на ОН (УНЦ), на семинар во Вашингтон претходно овој месец изјави дека, од гледна точка на Командата на ОН, територијата на Јужна Кореја започнува од јужната ограда на демилитаризираната зона (ДМЗ), воспоставена со прекинот на огнот, со што беше запрена Корејската војна од 1950 до 1953 година, објави новинската агенција Јонхап.
„Минатата недела го повикав Стил во Министерството за надворешни работи за да му го пренесам нашиот став по изјавите на Брансон. Повторно ќе го подигнам ова прашање пред американската страна“, рече Чо, откако еден пратеник побара Владата да упати „јасно предупредување“ до Вашингтон во врска со ова прашање.
Според Уставот на Јужна Кореја, територијата на земјата го опфаќа целиот Корејски Полуостров и соседните острови.
Пратениците, исто така, побараа од Министерството да упати протест до Вашингтон поради изјавите на Брансон дека „условите се променети“ во однос на можноста Јужна Кореја повторно да ја преземе оперативната контрола во време на војна (ОПЦОН) од Вашингтон.
Командата на ОН подоцна соопшти дека суверенитетот на Јужна Кореја не е доведен во прашање и дека Брансон се осврнал на воените и административните одговорности на командата согласно со Договорот за примирје.
Пратениците, исто така, побараа од Министерството да упати протест до Вашингтон поради изјавите на Брансон дека „условите се променети“ во однос на можноста Јужна Кореја повторно да ја преземе оперативната контрола во време на војна (ОПЦОН) од Вашингтон.
„Сметам дека треба што поскоро да ја преземеме оперативната контрола во време на војна“, рече Чо. „Воените власти на двете земји продолжуваат да разговараат за времето на преносот на контролата, а разговорите се одвиваат добро.“
Канцеларијата на претседателот соопшти дека Сеул и Вашингтон продолжуваат со консултациите во рамките на постојниот договор, нагласувајќи дека изјавите на Брансон ги одразуваат неговите лични ставови, а не официјалната политика на САД.






















