Турскиот министер за надворешни работи, Хакан Фидан, изјави дека САД и Израел ја започнале војната против Иран „нелегално“, нагласувајќи дека главен приоритет на Анкара бил да се спречи избувнувањето на конфликтот.
Во интервју за „А Хабер“ во петок, Фидан рече дека втората цел на Туркије е да ја ограничи војната и да го спречи нејзиното ширење, додека третата е да ја држи земјата подалеку од конфликтот.
„Нашиот приоритет беше да спречиме избувнување на војната, второ да спречиме нејзино ширење и трето да ја држиме Турција подалеку од оваа војна“, рече тој.
Фидан, исто така, посочи на тековните дипломатски напори, велејќи дека ако постои вистинска намера од двете страни, тие би можеле да се здружат во одреден момент.
„Исто како и во војната во Газа, очекувањето на светот е оваа неправедна војна да престане што е можно поскоро и нејзините негативни ефекти да завршат“, додаде тој.
Осврнувајќи се на ситуацијата во Газа и пошироките регионални тензии, Фидан го критикуваше она што го опиша како неуспех на меѓународната заедница да изврши доволен притисок врз Израел.
Тој рече дека неодамнешните случувања ја покажаа „неспособноста на светот да изврши притисок врз Израел“ за клучни прашања.
Фидан, исто така, посочи на улогата на Соединетите Американски Држави во тековната дипломатија со Иран, велејќи дека ако Вашингтон успее да ги унапреди преговорите или да постигне договор, мора да биде подготвен да го искористи своето влијание врз Израел.
Семе на раздор
Предупредувајќи за пошироки регионални ризици, Фидан рече дека Блискиот Исток постепено се вовлекува во она што го опиша како сценарио управувано од Израел.
„За жал, регионот е вовлекуван чекор по чекор во игра напишана од Израел“, рече тој.
Турскиот шеф на дилпоматијата, исто така, предупреди против израелските раздорни планови, велејќи дека се сее „семе на раздор“ што може да го отежни единството меѓу муслиманските земји.
„Нашата цел број еден како Туркије е да спречиме појава на овој раздор“, рече Фидан.
Регионален состанок
Фидан рече дека плановите за регионален состанок на кој ќе учествуваат Туркије, Пакистан, Египет и Саудиска Арабија се прилагодени, а разговорите сега веројатно ќе се одржат во Пакистан уште овој викенд.
Фидан истакна дека состанокот првично требало да се одржи во Туркије, но бил преместен откако претставникот на Пакистан не можел да допатува.
Тој го нагласи обемот на тековните дипломатски напори, наведувајќи: „Во моментов имаме неверојатно интензивен дипломатски сообраќај“.
Осврнувајќи се на регионалната динамика, Фидан предупреди дека продолжената криза може да предизвика пошироки усогласувања.
„Ако кризата продолжи, формирањето на поширока антииранска коалиција во регионот изгледа неизбежно“, рече тој.
Фидан дополнително предупреди против експлоатацијата на етничката динамика во регионот, особено во врска со курдското население.
„Прашањето дека нашите курдски браќа и сестри се експлоатирани во одреден момент и се користат како пиони во оваа игра е ситуација што не сакаме да ја видиме“, рече тој.



















