Ројтерс: Парамоунт го купува Ворнер Брос. во историски договор од 110 милијарди долари
Договорот го означува крајот на наддавањето откако Нетфликс одби да ја изедначи последната понуда на Парамоунт од 31 долар по акција, што Ворнер Брос. Дискавери ја сметаше за подобра од понудата на Нетфликс од 27,75 долари по акција
Медиумскиот конгломерат Ворнер Брос. Дискавери (Warner Bros. Discovery) се согласи да биде купен од Парамоунт Скајденс (Paramount Skydance) во договор вреден 110 милијарди долари (околу 93 милијарди евра).
Договорот е потпишан денес, според аудио-снимка од состанок на компанијата Ворнер Брос. Дискавери, што ја преслушале во Ројтерс.
Главниот директор за приходи и стратегија на Ворнер Брос. Дискавери, Брус Кембел, изјавил дека „Нетфликс имал законско право да ја изедначи понудата на Парамоунт“.
„Како што сите знаете, на крајот тие одлучија да не го сторат тоа, што потоа резултираше со потпишување на договорот со Парамоунт“, рече тој.
Договорот го означува крајот на наддавањето откако Нетфликс одби да ја изедначи последната понуда на Парамоунт од 31 долар по акција, што Ворнер Брос. Дискавери ја сметаше за подобра од понудата на Нетфликс од 27,75 долари по акција.
Потоа, акциите на Парамоунт скокнаа за 24 проценти, а на Нетфликс скокнаа за 13 проценти, бидејќи инвеститорите ја поздравија неговата одлука да се повлече од трката за Ворнер Брос. Дискавери, објави Ројтерс.
Договорот, кој вклучува и долг од околу 29 милијарди долари, ќе создаде едно од најголемите филмски студија во светот, дозволувајќи му на Парамоунт да ја искористи ризницата на интелектуална сопственост на Ворнер, вклучувајќи франшизи како „Фантастични ѕверови“ и „Матрикс“.
Исто така, ќе му овозможи на Парампунт да ги засили своите активности за стриминг, дозволувајќи му да се натпреварува со лидерот на пазарот Нетфликс.