Трабантот, „кутијата на тркала“ што испушта густ син чад, гордо ја носи титулата најлош автомобил некогаш создаден од човекот.
Но тоа енергично мало источногерманско возило одбива да изумре, потпомогнато од група ентузијасти, кои сè уште се посветени на реставрација на стари модели за да ги одржат на патот.
Крнтии што се слушаат пред да ги здогледаат
Додека Германија јапрослави 35-годишнината од повторното обединување, Трабантите ги има сè повеќе на патиштата бидејќи крнтиите кои прво се слушаат, пред да ги здогледаат, добиваат нова легија обожаватели.
Денес во Германија се регистрирани околу 40.800 „Траби“ како што нагалено ги нарекуваат овие автомобили, според податоците на германскиот автоклуб КБА. Пред 10 години имало 33.000.
Глен Кушан (58) има неколку сопственици на Трабант меѓу своите клиенти во неговиот автосервис во јужниот дел на Берлин.
„Станува збор за секакви луѓе“, изјави Кушан за АФП, од постари луѓе кои пораснале со Траби до помлади луѓе кои навистина сакаат модел на оригиналното возило.
Самиот Кушан е горд сопственик на 23 Трабанти, вклучувајќи и бел модел, кој некогаш му припаѓал на неговиот татко и поминал повеќе од половина милион километри.
„Траби постигна култен статус поради неговата поврзаност со повторното обединување на Германија и падот на Берлинскиот ѕид“, рече тој.
Првите Трабанти беа произведени во 1957 година, три години откако комунистичкиот режим на Источна Германија се намерачи да создаде автомобил за народот.
Каросеријата била направена од пластика измешана со хартија или памучни влакна за да се заштеди на увоз на челик.
Задните прозорци не се отворале, а двотактниот мотор испуштал густи облаци од изгорено масло и бензин во воздухот, придружени со гласен рик.
Максималната брзина на автомобилот од 112 километри на час го направи предмет на потсмев во Западна Германија, каде што на патиштата доминираа брендови како БМВ и Мерцедес.
Сепак, автомобилот стана омилен симбол на секојдневниот живот во Источна Германија, фален за неговиот необичен дизајн и издржливост.
Неуништлив
Источните Германци ќе се регистрираа и ќе чекаа до 15 години нивниот Трабант да излезе од производствената линија во една од трите бои: крем, небесно сина или мента зелена.
Кога Берлинскиот ѕид падна во 1989 година, многу источни Германци возеа до границата и чекаа со часови во долги редици во своите Траби, а нивните мотори го загадуваа воздухот.
По повторното обединување, многу сопственици на Трабанти ги продале своите автомобили за да купат пософистицирани модели како тие на нивните сонародници од Западна Германија, додека илјадници ги подаруваа или едноставно ги оставаа на границата.
Последниот Трабант, со розова боја, беше произведен во 1991 година.
Денес, посетителите на Музејот Траби во Берлин можат да видат колекција од 20 примероци од овие мали автомобили, па дури и да платат за обиколка на најпознатите комунистички знаменитости во Берлин во малото возило.
Томас Шмит (49), кој работи во музејот и е возач на овие туристички тури, рече дека „практично пораснал во Траби“ и сега го гледа автомобилот како „дел од својот идентитет“.
„Тоа е како мал тркач на долги патеки, може да направи сè, неуништлив е. И ако се расипе, убаво е што можете сами да го поправите поради едноставната технологија. Луѓето велеа: ако имате чекан, клешти и малку жица, со Трабант можете да стигнете до Ленинград“, додаде тој.
Извор: ХИНА


















