Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денес ги осуди масовните напади на Израел низ Либан во средата, а во кои беа убиени и повредени стотици цивили, вклучувајќи и деца.
„Генералниот секретар остро го осудува губењето на цивилни животи и е длабоко вознемирен од зголемениот број жртви“, изјави портпаролот на Гутереш, Стефан Дижарик.
Нагласувајќи ја потребата од почитување на меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право, Гутереш нагласи дека цивилите и цивилната инфраструктура мора да бидат заштитени во секое време и дека нападите врз нив се „неприфатливи“.
Тој додаде дека нема воено решение за конфликтот и ги повика сите страни да користат дипломатски канали и повторно да се посветат на целосно спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.
Иран и САД објавија двонеделен прекин на огнот во вторник, со цел да го отворат патот за конечен договор за прекин на војната што САД и Израел ја започнаа против Иран на 28 февруари, во која има многу мртви и ранети.
Објавата дојде помалку од два часа пред рокот што американскиот претседател Доналд Трамп постојано го продолжуваше за Иран да го отвори повторно Ормутскиот теснец и да го прифати договорот или да се соочи со „уништување на целата цивилизација“.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху тврди дека Либан не е вклучен во двонеделниот прекин на огнот меѓу САД и Иран, што е исто така она што го тврдат високи американски претставници.
Израелската војска го спроведе својот најсилен бран воздушни напади врз Либан од почетокот на најновата ескалација во конфликтот на Блискиот Исток во среда, погодувајќи 100 цели во рок од десет минути, соопштија Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Либан денес прогласи ден на жалост по бранот израелски напади во кои вчера беа убиени најмалку 254 лица, а повеќе од 1.165 беа повредени.
Либанскиот премиер Наваф Салам изјави дека ги мобилизира „сите либански политички и дипломатски ресурси за да ја запре израелската машина за убивање“.












