EУ Инкорпорејтед: Една Европа, еден пазар
ЕК предложи воспоставување на 28. правен режим, што ќе им овозможи на компаниите да започнат и да растат низ единствениот пазар врз основа на единствен сет правила, со што ќе се избегнат 27 различни правни системи во земјите-членки
Европската комисија во среда презентираше предлог на регулатива за воспоставување нова правна рамка за компаниите, што ќе им овозможи да започнат и да растат низ единствениот пазар врз основа на единствен сет правила, со што ќе се избегнат 27 различни правни системи во земјите-членки.
Регулативата, наречена ЕУ инц., според американската кратенка за регистрирана компанија (Inc.-incorporated company), претставува основа и почетна точка за воспоставување на 28. правен режим.
„Денес, европските претприемачи кои сакаат да се прошират се соочуваат со 27 правни системи и повеќе од 60 национални форми на компании. Со EУ Инц., драстично го олеснуваме започнувањето и развојот на бизнис низ цела Европа“, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Секој претприемач ќе може да основа компанија во рок од 48 часа, од каде било во Европската Унија и целосно преку интернет“, рече таа.
Таа нагласи дека ЕУ сака да стане најдоброто место за иноватори и дека ова е само почеток на патот кон воспоставување единствен пазар до 2028 година. Една Европа, еден пазар.
Клучна карактеристика на новите правила е брзата регистрација на компании. Претприемачите, основачите и компаниите ќе можат да основаат компанија од ЕУ во рок од 48 часа за помалку од 100 евра и без минимален услов за акционерски капитал.
Комисијата ќе воспостави нов централен регистар на ЕУ, а компаниите од ЕУ ќе добијат свои даночни броеви и ДДВ броеви.
Новите правила ќе го олеснат затворањето и рестартирањето на компаниите.
ЕУ планира дигитален паричник за компаниите
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, вели дека денес во Европа се потребни недели или дури месеци за да се основа компанија и да се започне со работење во друга земја-членка во рамките на единствениот пазар.
„Бариерите во Европа ни штетат повеќе од тарифите однадвор, а првите жртви на регулаторната фрагментација се претприемачите кои сакаат да го прошират својот бизнис“, вели фон дер Лајен.
Регулативата предвидува воспоставување европски деловен паричник, така што компаниите можат да управуваат со своите документи и да комуницираат со други компании и администрации целосно дигитално.
Според нацрт-заклучоците, предлогот за воспоставување на 28-миот режим треба да биде усвоен до крајот на оваа година.
Извор: ТРТ Балкан