Мицкоски: Крајот на постмониторингот на Советот на Европа е историски момент
Пред само три-четири месеци, земја членка на ЕУ, како Бугарија, излезе од овој пост мониторинг, сега и ние излегуваме, тоа е само признание за нивото на демократија во државата, рече Мицкоски
Ова е историски ден, би рекол рамо до рамо со денот кога се прогласи независноста, изјави премиерот Христијан Мицкоски за затворањето на постмониторинг-дијалогот на Македонија со Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Претседателот на Владата одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека заврши мониторингот за Македонија од страна на Советот на Европа и дали можеме да го цениме ова како напредок, изјави:
„Македонија веќе не е опфатена со пост мониторинг од страна на Советот на Европа. За разлика од нас, сите овие фронтранери во регионов, нели имаме фронтранери во европските интеграции или се во мониторинг или се во пост мониторинг. Пред само три-четири месеци, земја членка на ЕУ, како Бугарија, излезе од овој пост мониторинг, сега и ние излегуваме. Тоа е само признание за нивото на демократија во државата“, рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси коишто ги мониторира Советот на Европа, потсетувајќи дека пред неколку дена новинарите му поставиле прашање, дали Владата влијае на слободата на говорот.
„Јас сум благодарен на тимската работа, на сето она коешто го направивме. Тоа е уште една добра вест, покрај онаа со којашто Европската Унија го препозна проблемот со, не само камионџиите, би рекол, со друмските превозници, зборувам тука и на товарниот и на патничкиот сообраќај, не е само тоа случај кај превозниците со камиони. Но во периодот што следи ќе има уште многу добри вести. Така што сите оние невистини, лаги од страна на опозицијата коишто беа кажувани изминатиов период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меурот од сапуница“, изјави Мицкоски.
Според премиерот, Советот на Европа вели дека Македонија како држава е зрело демократско општество.
„Владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот и дека таа држава е зрела, да понатаму ја гледаме како навистина зрела демократија, за разлика од другите земји од Западен Балкан. Сите се или во пост мониторинг или во мониторинг, вклучително тука зборам и фронтранерите Црна Гора, Албанија и така натаму“, рече Мицкоски.
Со ова завршува 26-годишниот процес на следење на исполнувањето на обврските преземени од земјите членки според условите на Статутот на Советот на Европа, Европската конвенција за човекови права и сите други конвенции склучени во рамките на Организацијата на кои се обврзале земјите членки.