Европа се стреми кон намалување на побарувачката на енергија во услови на вртоглав раст на цените
„Треба да ја намалиме побарувачката со целосно почитување на слободниот избор на потрошувачите, па затоа ги разгледуваме нивоата на енергетска ефикасност...“
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја истакна потребата од намалување на побарувачката на енергија како дел од мерките за справување со кризата што се развива, заедно со вртоглавиот раст на цените предизвикан од тензиите на Блискиот Исток.
Укажувајќи на тоа дека трошоците на блокот за увоз на фосилни горива се зголемиле за над 22 милијарди евра (26 милијарди долари) во изминатите 44 дена, Фон дер Лајен наведе серија мерки насочени кон побарувачката на енергија.
„Најевтина енергија е енергијата што не се користи“, изјави таа, нагласувајќи ја потребата да се најде начин за намалување на побарувачката.
„Треба да ја намалиме побарувачката со целосно почитување на слободниот избор на потрошувачите, па затоа ги разгледуваме нивоата на енергетска ефикасност, како што се реновирање на зградите или обновување на опремата во индустриските капацитети (погони)“, додаде Фон дер Лајен.
Фон дер Лајен рече дека ЕУ размислува за соработка на ниво на целиот блок во однос на полнењето на складиштата за гас во земјите членки за да се избегне пазарна конкуренција, како и заедничко ослободување на нафтените резерви за максимален ефект, истовремено осигурувајќи дека итните мерки нема да влијаат врз единствениот пазар.
„Она што го гледаме на Блискиот Исток не е некоја далечна криза, туку во свет во кој сè е поврзано, ефектите се директни и итни“, вели Фон дер Лајен.
Таа дополнително предупреди дека блокот плаќа многу висока цена за својата „преголема зависност од фосилни горива“.
„Суровата реалност за нашиот континент е дека енергијата од фосилни горива ќе остане најскапа опција во текот на наредните години“, додаде таа.
Исто така, таа истакна дека нивната стратегија за декарбонизација се потврдила во последните години.
„Нашата цел е многу јасна. Треба да го зголемиме производството на домашна, достапна и сигурна енергија“, заклучи Фон дер Лајен.