| Macedonian
ПОЛИТИКА
7 мин читање
Дали блокадата на Хутите на Баб ел-Мандеб ќе предизвика глобален скок на цените на енергенсите
Според експертите, капацитетот на ОПЕК за брзо зголемување на производството постои главно само на хартија, што не е добра вест за глобалниот синџир на снабдување, кој веќе е сериозно погоден од блокадата на Ормускиот Теснец
Дали блокадата на Хутите на Баб ел-Мандеб  ќе предизвика глобален скок на цените на енергенсите
Мурал во Сана, Јемен, што ја прикажува блокадата на поморскиот сообраќај низ Баб ел-Мандеб

Глобалниот пазар на енергенси е под силен притисок уште од почетокот на војната на САД и Израел против Иран пред шест и пол месеци.

Сепак, најновиот бран на нестабилност - кој ги искачи цените на дизелот во САД на историски највисоко ниво - главно потекнува од јеменскиот брег на Црвеното Море, каде што Хутите, сојузници на Иран, го блокираа извозот на саудиска нафта.

Оваа јеменска група, која се смета за сојузник на Техеран, го контролира главниот град Сана, како и голем дел од северозападните региони на земјата зафатена од војна.

Но во последните неколку недели, тие го зазедоа и преостанатиот дел од јеменскиот брег на Црвеното Море и стратешки важните острови, преземајќи целосна контрола врз клучниот теснец Баб ел Мандеб, еден од само двата поморски патишта што Саудиска Арабија ги користи за извоз на нафта.

Тоа значи дека веќе ризичниот алтернативен правец околу главно блокираниот Ормуски Теснец сега се соочува со уште едно „тесно грло“ што го попречува протокот на нафта од Блискиот Исток.

Откако кон крајот на февруари Иран го блокираше поморскиот сообраќај на земјите од Заливот низ Ормускиот Теснец, Саудиска Арабија пренасочи поголеми количини сурова нафта преку полуостровот кон терминалите на Црвеното Море.

Сепак, ова импровизирано решение сега е неефикасно откако Хутите го блокираа транспортот на бродовите поврзани со Саудиска Арабија низ теснецот Мандеб, напаѓајќи нафтени танкери и енергетски постројки.

ПоврзаниTRT Balkan - Јемен следното бојно поле во конфликтот меѓу САД и Иран?

Во меѓувреме, нападите со беспилотни летала извршени од ирачки милиции поврзани со Иран, ја принудија Саудиска Арабија да го затвори нафтоводот „Исток-Запад“. Овој нафтовод му овозможуваше на најголемиот светски производител на нафта да ја транспортира суровата нафта од источниот регион богат со нафта до западниот брег, откако беше затворена рутата низ Ормускиот Теснец.

Како резултат на тоа, производството на нафта во Саудиска Арабија падна на најниско ниво во последните 36 години.

Прашањето што сега ги загрижува земјите-потрошувачи на нафта е дали Организацијата на земјите извознички на нафта и нејзините сојузници (ОПЕК+) можат доволно брзо да го зголемат снабдувањето на пазарот за да го запрат наглиот раст на цените.

Експертите велат дека ОПЕК+ не може едноставно да ја „одврти славината“ и да го зголеми снабдувањето, барем не на начинот на кој тоа обично го замислуваат пазарите. 

„На хартија постои резервен капацитет, но би бил многу внимателен во третирањето на целиот тој капацитет како понуда што е веднаш достапна“, вели Барис Алпаслан, економист и главен советник во „ИЦ Холдинг“, турски конгломерат што се занимава со производство и дистрибуција на енергија.

Под фактичкото водство на Саудиска Арабија, оваа групација од 12 членки одредува квоти за производство за своите членки и го регулира нивото на производство на сурова нафта за да се справи со вишокот или недостигот на нафта на глобално ниво.

„Клучната разлика е меѓу техничкиот резервен капацитет и барелите што навистина можат брзо да стигнат до пазарот“, изјави тој за ТРТ Ворлд.

Вашингтон досега се воздржуваше од третирање на напредувањето на Хутите како уште едно боиште во кое би морал лично да се вклучи.

Според извештаите, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман побарал воена помош од САД за да го запре напредувањето на Хутите, но Вашингтон не интервенирал.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави пред новинарите дека Хутите стапиле во контакт со неговата администрација, барајќи од САД да не се мешаат во нивната борба против Саудиска Арабија.

Нема „значаен простор“ за зголемување на производството

Според Алтај Атли, виш истражувач во Центарот за политики во Истанбул при Универзитетот Сабанџи, резервниот капацитет постои „главно на хартија“.

Саудиска Арабија и неколку други производители од Заливот сè уште располагаат со неискористени барели, вели тој за ТРТ Ворлд.

„Но, поголемиот дел од таа нафта вообичаено се транспортира низ Ормускиот Теснец, а тензиите со Иран ја направија таа рута небезбедна“, додава тој.

Нафтата можеби постои во подземните резерви, но нејзиниот транспорт до купувачи како Кина сега подразбира „подолги маршрути, многу повисоки трошоци и реални доцнења“.

Сè додека Ормускиот Теснец не стане повторно безбеден, резервниот капацитет ќе остане само бројка на хартија, вели тој.

Групацијата ОПЕК+ голем дел од 2026 година го помина во најавување месечни зголемувања на квотите - односно постепено укинување на претходните доброволни намалувања - но реалното зголемување на испораките на нафта сè уште изостанува.

Официјалното производство на Саудиска Арабија во август остана на ниво од 6,2 милиони барели дневно, што е речиси една четвртина помалку отколку во јули, откако ембаргата наметнати од Хутите го принудија Кралството да го намали производството бидејќи не можеше да ја складира или испорача произведената нафта.

Според Алпаслан, „многу малку производители“ можат да направат навистина значајна разлика во производството на нафта на краток рок.

Саудиска Арабија „вообичаено е клучниот производител што може флексибилно да го менува обемот на производство“, но нејзината способност да го зголеми извозот на нафта е ограничена од инфраструктурни и безбедносни ризици. 

Ирак и Кувајт потенцијално би можеле да обезбедат одредени дополнителни количини нафта, но Алпаслан не очекува „реакција од ОПЕК+ во вид на зголемување на производството за еден или два милиони барели дневно“ на краток рок.

Според него, непосредниот проблем не е само тоа што ОПЕК+ не сака да произведува повеќе.

„Поголемиот проблем е што дополнителното производство не значи автоматски и дека тие дополнителни барели ќе стигнат до меѓународниот пазар“, вели тој.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, кои претходно оваа година се повлекоа од ОПЕК+ поради несогласувања околу производните квоти, се единствените двајца производители со „значителен простор“ за зголемување на производството на нафта, вели Атли.

Но дури и тие резервни количини се ограничени од тоа колку нафта може безбедно да се транспортира „околу теснецот Ормуз, наместо низ него“.

Според него, Ирак и Кувајт немаат многу простор за зголемување на производството дури и во нормални услови.

Иран не може значително да го зголеми производството поради воените штети и санкциите, додека Русија веќе пумпа под утврдената квота бидејќи украинските напади со беспилотни летала со месеци ја оштетуваат нејзината нафтена инфраструктура, вели тој.

„Тоа остава кратка листа на земји што навистина би можеле да ја променат сликата“, вели тој.

Стапицата на двата теснеци

Поморскиот сообраќај низ Ормуз дополнително се намали по новите напади, при што бројот на бродови што минуваат таму падна на само неколку дневно.

Баб ел Мандеб, кој служеше како алтернативна рута за Саудиска Арабија, сега е под построга контрола на Хутите, додека нафтоводот Исток-Запад е затворен на неодредено време.

Аналитичарите велат дека цените на нафтата би можеле да надминат 120 долари за барел до 2027 година - од сегашните околу 103,52 долари - ако производството во регионот на Заливот остане силно ограничено.

Меѓународната агенција за енергетика (ИEA) предупреди дека целосното закрепнување на испораките од Заливот може да се одложи за 2027 година и дека наглиот раст на цените на нафтените деривати веќе ја уништува побарувачката.

Без сигурно и значително зголемување на производството од страна на ОПЕК+, експертите велат дека дополнителни количини би можеле да дојдат од земји како САД, Бразил и Гвајана - мала, но богата со нафта земја во Јужна Америка.

Алпаслан вели дека САД се „јасно најважниот извор“ на дополнителни испораки на нафта, но тие не можат да реагираат како „прекинувач за итни случаи“.

Производството на сурова нафта во САД веќе е на рекордно ниво и се очекува да достигне околу 13,8 милиони барели дневно во 2026 година, што е зголемување во однос на просекот од 13,7 милиони во 2025 година.

Производството во земји како Бразил и Гвајана е важно на долг рок - мерено во месеци и квартали, а не во денови, додава тој.

„На краток рок, помалку би се фокусирал на ново производство, а повеќе на обновување на прекинатите испораки од Заливот, безбедноста на поморските правци и, потенцијално, на пуштањето во оптек на стратешките резерви“, вели Алпаслан.

Ако се намали геополитичката премија за ризик, цените на нафтата би можеле „прилично брзо да паднат“, вели тој. Спротивно на тоа, додава тој, ниту едно количество нафта од Америка нема да биде доволно за веднаш да се надомести изгубеното снабдување од Заливот доколку продолжат физичките прекини.

Атли укажува на новите количини нафта од САД, Бразил, Гвајана и Аргентина, како и на напорите на Кина да купи повеќе од таа нафта за да ја намали зависноста од маршрутите преку Ормуз. 

Сепак, тој инсистира дека вистинскиот крај на војната со Иран, со кој повторно би се отворил преминот Ормуз, би влијаел на цените повеќе од која било одлука на ОПЕК+.

„Ослободувањето на дополнителни количини нафта од стратешките резерви исто така би можело да помогне на краток рок“, вели тој.

Извор: ТРТ Ворлд

Повеќе
Граѓански организации: Мисијата на ОБСЕ се повлекува од соработката со АОПЗ
Италијански авион погоден за време на напад врз воздухопловна база во Саудиска Арабија
Нов Зеланд не разговарал со ЕУ за статус на придружен член
Швајцарските пратеници поддржуваат построги мерки за азил
Танкер погоден од „непознат проектил“ во Ормускиот Теснец
Шестмина ученици загинаа, 17 се повредени во пукање во средно училиште на Филипини
Дванаесет лица повредени во ноќните напади меѓу Русија и Украина
Се очекува Такаичи да се сретне со Трамп во вторник, пред разговорите меѓу САД и Кина
Алиев: Односите меѓу Туркије и Азербејџан се витален фактор во регионот и пошироко
Речиси половина од германските гласачи веруваат дека Мерц ќе ја напушти функцијата до крајот на 2026
Во Русија почнуваат тридневни избори за државната Дума
Мицкоски: За членство во ЕУ треба да се применува пристап заснован на заслуги што не е случај со нас
Фон дер Лајен: ЕУ ќе исплати 3,3 милијарди евра за ракети и беспилотни летала за Украина
Пентагон разгледува повлекување на најмалку 25.000 американски војници од Европа
Мерц: Гледаме фундаментална промена во односот на САД кон Германија