Во Градскиот парк во Скопје на 15 јули се одржа пригоден настан во организација на Бошњачкиот национален совет (БНС) во земјава по повод затворањето на Меѓународни ликовни средби „Сребреница 2026“.
Меѓународните ликовни средби се одржаа во периодот од 10-15 јули, каде на завршниот настан беа изложени слики од ликовните уметници од земјата, регионот и светот со кои на оригинален и креативен начин уметниците им оддаваат почит на жртвите од геноцидот во Сребреница.
Академик проф. Д-р Фехим Хусковиќ кој ги предводи Меѓународните ликовни средби „Сребреница 2026“ во своето обраќње го истакна своето задоволство што веќе неколку години по ред Скопје е домаќин на бројни уметници од Балканиот, Европа и пошироко кои творат со цел да потсетат на геноцидот во Сребреница, да искажат почит кон жртвите, но и да испратат порака на мир и заедништво.
Тој изрази уверување дека делата на уметниците ќе бидат прикажувани и во текот на целата година во различни градови ширум регионот.
Според академик Хусковиќ, ова е значајна манифестација со која се потврдува важноста на уметноста како универзален јазик, кој ја чува вистината, го негува сеќавањето и гради мостови на пријателство, разбирање и заедништво меѓу народите.
Претседателот на Бошњачкиот национален совет (БНС) истакна дека организацијата која тој ја предводи во изминатите години со низа информативни, едукативни и културни настани го одбележува 11 јули - Денот на сеќавање на жртвите од геноцидот во Сребреница. Хот појасни дека целта на ликовните средби е да се испрати пораката никогаш, никаде и никому да не му се повтори она што Бошњаците во Сребреница го доживеале во јули 1995 година - геноцид.
„Обично знаеме да кажеме дека една слика вреди илјада зборови, а овие слики на уметниците имаат безвременска вредност и големо значење бидејќи овие уметници ги насликале овие слики за да потсетуваат на геноцидот во Сребреница и да се присетуваат на жртвите од геноцидот“, рече Хот.
На Меѓународните ликовни средби „Сребреница 2026“ во Скопје, покрај уметниците од земјава меѓу кои Фехим Хусковиќ, Беди Ибрахим, Трајче Чатмов, Беса Даоти, Никола Ефремов, Александра Димитрова, учествуваа и уметниците од другите земји: Фатон Крезиу (Косово), Меликсан Јилдирим и Мустафа Џеват Аталај (Туркије), Елизабех Лиса (Бугарија), Асмир Хусовиќ и Фатмир Брежанин (Србија), Мехмед Суљевиќ (Црна Гора), Саимир Ахмети (Албанија), Снегана Мелник (Украина), Ена Налбантиќ (Босна и Херцеговина).
Геноцид во Сребреница
Во јули 1995 година единиците на тогашната Војска на Република Српска под команда на хашкиот осуденик Ратко Младиќ извршија геноцид врз Бошњаците во Сребреница, при што ја нападнаа „заштитената енклава на Обединетите нации“ во Сребреница, Босна и Херцеговина.
Во геноцидот беа убиени 8.372 лица. Десетици илјади жени, деца и стари лица беа депортирани или беа принудени да побараат спас во околните шуми, барајќи го патот кон слободната територија.
На 11 јули годинава на гробиштата на Меморијалниот центар Сребреница - Поточари беа погребани посмртните останки на уште 10 жртви на геноцидот.
Од крајот на војната, жртвите – кои досега се пронајдени на 150 локации, вклучително и 77 масовни гробници, и се идентификувани преку ДНК-анализа – се погребуваат таму секоја година, на годишнината од геноцидот.
Меѓу ковчезите подготвени за овогодишниот погреб, покриени со зелено погребно платно, беа оние на најмладата неодамна пронајдена жртва (Сенад Јушиќ, кој имал 20 години кога бил убиен) и на најстарата (Рамо Даутовиќ, убиен на 56-годишна возраст). Останатите неодамна идентификувани жртви се Муриз Бараковиќ, Хамед Мушиќ, Рамо Алиќ, Мухидин Османовиќ, Хусо Ќеримовиќ, Нуко Нукиќ, Ахмет Густер и Асим Куниќ.
Досега во Поточари се погребани 6.772 жртви, додека други 250 се погребани на други места по барање на нивните семејства. Посмртните останки на повеќе од 1.000 жртви на геноцидот сè уште се водат како исчезнати.
Жртвите потекнуваат од различни општини, повеќето од подрачјата на Сребреница, Братунац, Власеница, Зворник и Милиќ. Жртвите на геноцидот се пронајдени на 150 различни локации, од кои 77 се масовни гробници. Најмладата жртва досега погребана во Поточари е новороденчето Фатима Мухиќ (убиена само неколку часа по раѓањето), а најстарата е Шаха Измирлиќ, родена во 1901 година.





















