Украинската Државна служба за вонредни состојби денес соопшти дека едно лице загинало, а осум биле повредени во руски напад со балистички ракети врз Киев во текот на ноќта.
Последиците од нападите биле регистрирани во најмалку три окрузи во главниот град, се наведува во соопштението.
Во округот Десњански била оштетена метро станица, а на местото на пожарот што избувнал за време на нападот било пронајдено тело, соопшти службата.
Екипите за итни интервенции ги изгаснале пожарите предизвикани од нападите, се додава во соопштението.
Руското Министерство за одбрана потврди дека руските сили во текот на ноќта извршиле масовен напад со прецизно оружје лансирано од копно и беспилотни летала за напади со долг дострел.
Министерството соопшти дека цел на нападите биле воено-индустриски објекти, складишта за крстосувачки ракети и беспилотни летала, како и центар за обработка на податоци во Киев и околниот регион.
Исто така, соопшти дека руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта пресретнала и уништила 149 украински беспилотни летала над повеќе од десетина руски региони.
Независната проверка на тврдењата е отежната поради тековниот конфликт.



















