Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) ги негира тврдењата на иранските сили дека ја таргетирале и уништиле американската радарска инсталација за рано предупредување во Бахреин, велејќи дека биле пресретнати два ирански дрона лансирани од Персискиот Залив.
ЦЕНТКОМ ги отфрли како лажни тврдењата на Корпусот на исламската револуционарна гарда и тврди дека нема повредени лица ниту е предизвикана материјална штета од обидот за напад со дронови.
Претходно иранската гарда соопшти дека таргетирала и уништила американски радарски објект за рано предупредување во Бахреин, како одмазда за напад врз телекомуникациска кула во иранскиот регион Сирик, на југот на земјата.
„Ова служи како сериозно предупредување до непријателот-агресор да престане со своите провокации од воздух и со шверцот на нафта во Ормускиот Теснец“, изјавија претставници на гардата.
Понатаму се наведува дека Воздухопловните сили на гардата се „во целосна подготвеност за неограничено дејствување“ доколку продолжат ваквите прекршувања и акти на агресија.
Во четвртокот вечерта, иранските медиуми, повикувајќи се на официјални извори, објавија дека регионот Сирик бил цел на „непријателски“ напад – термин што иранските власти често го користат за да ги означат САД и Израел.
САД и Израел започнаа војна против Иран на 28 февруари, што го натера Техеран да одговори со ракетни напади и напади со беспилотни летала низ регионот, притоа практично затворајќи го Ормускиот теснец – клучна рута за глобалното снабдување со енергенси.
Меморандумот за разбирање, потпишан во јуни со цел да се отвори патот кон конечен мировен договор, подоцна пропадна поради несогласувања, меѓу другото и околу пловидбата низ теснецот.




















