ТикТок воведува подобрена проверка на возраста на корисниците во ЕУ
Новата технологија, која минатата година помина низ пилот-проект во ЕУ, користи анализа на профили, објавени видеа и модели на однесување за да процени дали сметката му припаѓа на дете под 13 години
Платформата ТикТок во наредните недели ќе почне да воведува подобрена технологија за проверка на возраста на корисниците низ цела Европска Унија, објави компанијата, во време кога повиците за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за лица под 16 години растат низ целиот свет, по примерот на Австралија.
Новата технологија, која минатата година помина низ пилот-проект во ЕУ, користи анализа на профили, објавени видеа и модели на однесување за да процени дали сметката му припаѓа на дете под 13 години.
Сметките означени од системот нема автоматски да се отстранат, туку ќе бидат прегледани од специјално обучени модератори, по што може да бидат деактивирани, според TикТок
Компанијата, која е во сопственост на кинескиот БајтДенс (ByteDance), истакнува дека системот е развиен за да ги исполни регулаторните барања на ЕУ и дека соработувал со Ирската комисија за заштита на податоци, водечкиот регулатор за приватност на ЕУ, за време на развојот.
Сличен пилот-проект во Велика Британија доведе до отстранување на илјадници сметки.
Големите платформи како ТикТок, ЈуТјуб и Инстаграм се под зголемен притисок од регулаторите за поефикасно идентификување и отстранување на детските сметки.
Мета, сопственикот на Фејсбук и Инстаграм веќе ја користи надворешната компанија Јоти за проверка на возраста на корисниците.
TикТок ја донесе одлуката откако Австралија ја забрани социјалната мрежа за лица под 16 години во декември.
Според австралискиот регулатор за безбедност на интернет, повеќе од 4,7 милиони малолетнички сметки на десет платформи се отстранети од 10 декември.